Црвениот бан што не може да постигне – хроника на еден најавен распад

Природниот процес на распадот на комунизмот во Југославија запре со крвавата дисолуција на републиките. Своевремено, револтот кон црвената буржоазија беше огромен, но распадот на федерацијата го дефокусираше народот и го запре процесот на падот на комунистичките владетели.

Александар Бежовски

Природниот процес на распадот на комунизмот во Југославија запре со крвавата дисолуција на републиките. Своевремено, револтот кон црвената буржоазија беше огромен, но распадот на федерацијата го дефокусираше народот и го запре процесот на падот на комунистичките владетели.

Републичките длабоки држави и тајни служби добија задача – средствата за производство, односно капиталот, да ги преземат од работничката класа и да ги концентрираат во рацете на одбрани поединци. Така се родија транзициските олигарси – локални копии на рускиот КГБ-модел.

Во Македонија, таа операција се спроведе со помош на медиумите и наивноста на опозицијата во 1994 година. Бранко Црвенковски кој што се прогласи за ДНК на СДСМ и неговата олигархија тогаш ги презедоа рентабилните фирми и атрактивните недвижности. Се создаде првиот бизнис-круг на „единаесетте величенствени“. За Љубчо Георгиевски и неговата ВМРО–ДПМНЕ останаа трошки, а некои од неговите луѓе – и тој самиот – станаа средно богати бизнисмени. Следуваа Груевски и Мијалков, потоа Заев — и кругот сè уште не е затворен.

Системската криза на СДСМ лежи токму во процесот на замрзнатиот распад на комунизмот и во тоа што раководствата никогаш не беа идеолошки социјалдемократски, а никогаш не беа демонтирани владетелите и духот на стариот систем. И покрај западната поддршка за владата на Георгиевски во 1998, црвената буржоазија остана на стратешките позиции.

Претходно, КПМ во 1990 стана СКМ–ПДП, а во 1991 – СДСМ: со нова етикета, но иста суштина — да се остане на власт.

Идеологијата беше заменета со прагматичен клиентелизам. Токму во последното гостување на Фрчкоски кај Ефтов, тоа се потврди – по кој знае кој пат – дека во врвот нема идеологија, само желба за власт. Оттаму и спремноста на СДСМ, со Филипче на чело, да бидат дел од широка влада со Мицкоски – идеја што ја туркаат Заев и Анѓушев.

Пластичен пример за неразбирањето на левата идеологија од старите идеолози на СДСМ е гостувањето на Амар Мециновиќ во „Политиканти“, каде што им одржа лекција по левичарство на Сашо Орданоски и Борјан Јовановски — двајца остатоци од старата гарда кои, за жал, со „Инфомакс“ останаа последни медиумски бранители на СДСМ. Фрчкоски, еднаш набркан од СДСМ , одамна ја замени идеологијата со оговарање и ситно мешетарење низ политичките кулоари.

А, секако главното мешетарењето продолжува со поранешниот претседател Стево Пендаровски – детето на длабоката црвена држава, човек кој повеќе се занимава со политички трачеви отколку со државнички потези. Со блед шретседателски мандат и уште побледа улога, денес е симболичен остаток од старата гарнитура: последниот пи-ар производ на системот кој се обидува да го држи балансот меѓу западната фасада и домашната олигархија. Човек кој беше добар и за СДСМ, но и за ВМРО-ДПМНЕ, како портпарол на Доста Димовска и советник на Борис Трајковски.

Но времињата се менуваат. Народот се иселува, елитата се рециклира. Младите веќе не ги знаат старите авторитети, и додека сите во Западен Балкан зборуваат за Европа, токму олигарсите, замрзнатиот во СДСМ, Црвенковски со ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски, се најголемата пречка за европскиот пат.

Џабе американски црни листи и слично.

Тие се пречката за младите да ја живеат Европа — сега!

Но кругот полека се затвара во СДСМ со лик како Венко Филипче – перцепиран како ВМРО-вец од новите бранови на Груевски, но со длабоки корени во системот што го создадоа Црвенковски и неговиот татко како министер, а самиот Венко, како советник на Никола Тодоров кој што беше на чекор до тоа да стане претседател на ВМРО–ДПМНЕ.

Тоа е таа пластична генерација на транзициски наследници – со истиот дух, само со подобра фасада.

И така, во држава на фингирана демократија, каде што симболиката повторно ја заменува суштината, се вртиме во истиот маѓепсан круг.

На крајот на денот, единственото што ни останува е да го пуштиме Оливер Мандиќ и неговиот стар албум:

„Због тебе би туцао камен“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“