Европското обвинителство ја затвори истрагата за корупција против ЕПП и Вебер

По темелна истрага, која, меѓу другото, вклучуваше и сослушувања на сведоци, обемно собирање податоци и анализа на банкарски сметки, Европското јавно обвинителство заклучува дека нема разумни основи да се верува дека е сторено кривично дело, соопшти Обвинителството.

Европското јавно обвинителство ја затвори истрагата за корупција против Европската народна партија (ЕПП) и нејзиниот претседател Манфред Вебер, што беше покрената врз основа на сомнежи за наводна злоупотреба на средства на ЕУ за време на изборите за Европарламентот во 2019 година.

– По темелна истрага, која, меѓу другото, вклучуваше и сослушувања на сведоци, обемно собирање податоци и анализа на банкарски сметки, Европското јавно обвинителство заклучува дека нема разумни основи да се верува дека е сторено кривично дело, соопшти Обвинителството, кое е задолжено за заштита на финансиските интереси на ЕУ.

Во соопштението се додава дека со истрагата биле опфатени „претседател на политичка група во Европскиот парламент и неколку негови соработници“, без при тоа да се споменат имињата на Вебер и ЕПП, но контекстот и наведените сомнежи врз основа на кои е покрената постапката укажуваат за кој случај станува збор.

Сепак, ова е првпат Обвинителството јавно да потврди дека со истрагата бил опфатен и „претседател на политичка група“, бидејќи досега се сметаше дека таа е насочена кон други функционери и асистенти на партијата.

Одлуката за затворање на постапката е донесена по препорака на белгискиот обвинител, кој беше вклучен во истрагата на Обвинителството врз основа на податоците за случајот до кои дошле истражните органи на Белгија.

Во белгиските полициски документи, кои протекоа во јавноста при објавувањето на информациите дека е покрената истрагата, беа наведени сомнежи за неколку сторени кривични дела, како „фалсификување на јавна исправа“, „фалсификување на јавни документи од страна на државен службеник при вршење на должноста“, „нарушување на довербата“, „измама“ и „корупција“.

Случајот се однесуваше на наводни злоупотреби на средствата на ЕУ во текот на кампањата за изборите за членови на Европскиот парламент во 2019 година, на кои Вебер беше т.н. „шпиценкандидат“ на ЕПП.

„Шпиценкандидат“ во пракса значи дека тоа е кандидатот на партијата за претседател на Европската комисија. Сепак, по изборите дел од земјите членки не се согласија со номинацијата на Вебер за оваа функција, сметајќи го за „премногу конзервативен“ и на негово место како замена дојде Урсула фон дер Лајен, која во тоа време беше германска министерка за одбрана и потпретседателка на Христијанско демократската унија (ЦДУ).