
(ВИДЕО) Трилинг: Дали масоните владеат со светот!?
➡Во „Трилинг“ за улогата, влијанието во општественото и политичко делување проследете ги кратките искажувања на едни од главните масони во Велика Британија - Пол Енегхам, Офицер за меѓународни односи на Обединетата голема ложа на Англија, како и Рик Берман, теоретичар на слободното ѕидарство, автор на шест публикации и член на Обединетата Голема Ложа на Англија.
По повод трите значајни јубилеи – 20 години од консеграцијата на Големата ложа на Македонија, 25 години од основањето на Ложа Скопје и 30 години слободно ѕидарство во Македонија. Големата ложа на Македонија беше домаќин на повеќе 20 делегации од различни Големи ложи од целиот свет. Присуство на бројни големи мајстори и големи Офицери. од Европа, Америка, Африка и Азија.
Во „Трилинг“ за улогата, влијанието во општественото и политичко делување проследете ги кратките искажувања на едни од главните масони во Велика Британија – Пол Енегхам, Офицер за меѓународни односи на Обединетата голема ложа на Англија, како и Рик Берман, теоретичар на слободното ѕидарство, автор на шест публикации и член на Обединетата Голема Ложа на Англија.

„Би се вратил на првите принципи од кои потекнува модерното масонство. Oд период во англиската историја кога излеговме од војна што ги подели луѓето во Европа, на политичка и религиозна основа. Масонството е збир на морални принципи што не зависат од одредена религија, туку ги обединува сите луѓе за кои сметаме дека се добри и се обидува да ги направи подобри преку едукација за своите начела“, вели Пол Енегхам, Офицер за меѓународни односи на Обединетата голема ложа на Англија.
На прашањето дали може да кажеме дека масоните се тајна организација, Енегхам вели:
-Никако, во никој случај. Мислам дека отвореноста е многу важен дел од модерното масонство. За жал, имало периоди во Европа кога во Германија, Италија и Шпанија, ако си бил масон, те прогонувале како непријател на државата. Тоа е затоа што станува збор за диктатури, а масонството верува во демократија, во слобода на говор, во важноста на поединецот, што е закана за оние кои се диктаторски настроени, било во црквата или во државата. Всушност, враќајќи се на нашите први принципи, тоа било бегство од апсолутната власт на државата и црквата. Па, понекогаш сме биле принудени да молчиме, зашто инаку државата ќе нè прогонувала, но денес е важно да бидеме целосно отворени.
-Единственото што го задржуваме, уште од средновековните времиња кога масоните требало да се идентификуваат меѓу себе, во ложата, но само во ложата, се одредени знаци со помош на кои се препознаваме.

Што значи да се биде тивок?
-Во кој контекст го прашувате тоа?
Рековте дека масонот мора да биде тивок.
-Имало времиња, на пример, во Шпанија под генерал Франко, кога ако си признаел дека си масон, полицијата доаѓала и те носела в затвор. Па во тоа време биле неопходно да се биде тивок. Во модерната епоха, за среќа, тоа веќе не е потребно. Сè уште има исклучоци, за жал.
-На пример, во Саудиска Арабија, шеријатското право. Во Кина, сè уште, кинеската влада не го сака масонството. Па ако живееш во Хонг Конг или Макао, можеби треба да бидеш дискретен. Би рекол, дискреција за твоето членство.
Какво е влијанието врз социјалниот и политичкиот живот?
-Ние сме дел од општеството и тоа сосема нормален дел од општеството. Мислам дека најважното е масонството да се смета за сосема нормална организација во која се членува. Ќе го земам примерот на мојот универзитет, Универзитетот Оксфорд. Веќе 200 години, ложата Аполо Универзитет, чиј член сум, иницира мажи од 18 години па нагоре, и тоа е јавно познато, а тие биле само обични членови на универзитетот.
-Дали тоа го мислите со вашето прашање?
Дали масоните го владеат светот?
-Можам да ви кажам, ако видите колку лошо ги организираме нашите настани, ќе сфатите дека нема шанси да го правиме тоа, ниту имаме намера. Апсолутно не. Мислам, тоа е незамисливо. Премногу сме неефикасни.

„Јас сум доктор по историја, а мојата специјализација, односно темата на мојата теза беше Англија во 18 век и особено нејзините врски со масонството. Јас сум масон веќе 40 години и многу уживам во тоа“, вели Рик Берман, теоретичар на слободното ѕидарство, автор на шест публикации и член на Обединетата Голема Ложа на Англија.
Масоните се најстарата братска организација во светот. Што се случува во тајниот свет на масоните?
-Па, не сум сигурен дека постои таен свет на масоните и не сум сосема сигурен дека масонството е најстарата братска организација во светот, иако е веројатно една од најстарите. Масонството започнало на почетокот на 18 век како организација што ги промовирала и мислам дека на некој начин ги забрзала идеите на Просветителството.
-Тоа се идеи за верска толеранција, уставна влада, меритократија, образование и само подобрување, а овие идеи во раниот 18 век биле целосно радикални. Тие биле пионерски идеи. Тие биле поврзани со луѓе како Сер Исак Њутн, Џон Лок, луѓе кои биле на челото на промените на општеството, не само во Англија, туку со текот на времето и во цела Европа и масонството во 18 век било исклучително популарно и во тој смисол моќно затоа што луѓето сакале да станат масони и да ги споделат овие вредности и да ги промовираат.
Во што веруваат масоните?
-Па, мислам дека суштински она што го кажав. Постојат верувања во придобивките од само-подобрување и преку само-подобрување подобрување на општеството. Тие веруваат во толеранција од сите видови, и политичка и верска, па не е задолжително за масонот да прави ништо повеќе од тоа да верува во Бог. Како тој масон ја изразува својата вера во Бога е прашање на индивидуата, без разлика дали е католик, протестант, Евреин, Хинду, будист, зороастриец итн.
-И всушност, тоа била првата организација во светот отворена за сите вери.
Што се случува на состаноците на ложата според Обединетата Голема Ложа во Англија?
-Секој состанок е различен. Состаноците суштински имаат неколку карактеристики. Има иницијација кога не-масон станува дел од ложата. Има премин кога иницираниот преминува на второто ниво, кое се нарекува соработник, и потоа конечно има воздигнување на тој поединец да стане мајстор масон. Вообичаено е секое од овие да се случува на одделен состанок, иако можат да бидат комбинирани, а некои ложи не го прават тоа или го прават само делумно. Некои ложи одржуваат историски предавања или други форми на едукација.

Теории на заговор и Новиот светски поредок. Кој владее со светот?
-Како што реков пред да започнеме со ова интервју, не мислам дека некој владее со светот. Ако сакате да одговорам на тоа прашање буквално, можам да кажам во Кина го имаме претседателот Кси, итн. Во Русија сите знаеме кој е претседател.
-Знаете, ако ме прашувате, што мислам дека ме прашувате, дали масоните имаат значително влијание на некој подземен или таен начин, одговорот е не. Сепак, би рекол дека многу водечки фигури низ годините избрале да бидат масони бидејќи имале верувања што се усогласени со верувањата во масонството, и тоа беше особено случај во Америка во 1776 година за време на Декларацијата за независност, ќе се одбележи 250-годишнина следната година. И ги гледате вредностите што ги споменав, толеранција, уставност, поделба на моќта, овие вредности се вградени во американската Декларација и Устав.
-Значи, не е дека масоните го контролираат светот или имаат прекумерно влијание во светот, туку дека масонските вредности биле многу привлечни низ годините, било во Америка, било во Европа, било во Латинска Америка. Мислам дека тоа е вистинскиот одговор на вашето прашање.
Како е влијанието врз социјалниот и политичкиот живот од владеењето на масоните?
-Зборувате за масонството како организација или за тоа како тоа комуницира со општеството?
Како организација и како поединци?
-Добро, значи како социјална организација, масонството сака да биде забавно за оние што се вклучени во него, па обично вечераме по состанокот, се собираме во бар како што прави секоја друга организација.
-Политички, масонството е составено од многу различни политички погледи и верувања, нема една единствена политичка догма. Како што реков, тоа е политички толерантна организација, па масоните можат да се обединат споделувајќи ги истите основни вредности без разлика на верата или политичката партија.
Која е најголемата тајна?
-Мислам дека најголемата тајна, и мора да кажете или никогаш нема да го откриете ова, сакам да ми ветите дека никогаш нема да го откриете ова, најголемата тајна е дека нема тајни.
Разговорите може да ги погледнете во видеото.