
Хрватска нема да ги повикува во војска лицата со двојно државјанство кои живеат надвор од земјата
Задолжителниот воен рок ќе трае два месеца и ќе се однесува на младите мажи кои во текот на годината полнат 19 години, почнувајќи од генерацијата родена во 2007 година. Можно е одложување од оправдани причини до 30-годишна возраст. За времето на обуката регрутите ќе добиваат месечна нето-надомест од 1.100 евра, а обуката ќе се спроведува во касарните во Книн, Пожега и Слуњ.
Хрватска нема да упатува повици за служење на задолжителниот воен рок до државјани со двојно државјанство кои имаат постојано живеалиште во други земји, како Србија, Црна Гора или Босна и Херцеговина, и против нив нема да се покренуваат прекршочни постапки доколку не го отслужат воениот рок, соопштија од Министерството за одбрана на Република Хрватска за агенцијата Бета.
Од Министерството појаснија дека повиците за основна воена обука ќе им се испраќаат исклучиво на хрватски државјани кои живеат во земјата, односно имаат пријавено живеалиште во Хрватска.
„Согласно Законот за одбрана, кој Хрватскиот сабор го усвои на 24 октомври, лицата со двојно државјанство можат да ја исполнат својата воена обврска во Хрватска според хрватското законодавство, или во земјата во која живеат, според нејзините закони. Ги повикуваме Хрватите кои живеат во странство да се јават во дипломатско-конзуларните претставништва и на тој начин да ја регулираат својата воена обврска“, соопшти Министерството за одбрана.
Од таму додаваат дека „доколку Хрватите со двојно државјанство веќе ја регулирале воената обврска во земјата во која живеат, тогаш немаат дополнителна обврска кон Република Хрватска“.
Хрватскиот Сабор неодамна ги усвои измените на законот со кои се овозможува повторно воведување на задолжителниот воен рок од почетокот на 2026 година. Со тоа се отвори прашањето за обврските на хрватските државјани кои имаат двојно државјанство и живеалиште надвор од земјата, особено во поглед на можноста за санкции.
„Ако некој не се јави на повикот, се спроведува прекршочна постапка, но исклучиво на територијата на Република Хрватска, бидејќи Хрватска не може да го применува своето законодавство надвор од своите граници“, објаснија од Министерството.
Доколку лице со двојно државјанство се пресели да живее во Хрватска, ќе мора да ја регулира својата воена обврска според хрватските закони.
Првите повици за воена обука се очекува да бидат испратени кон крајот на оваа година, а министерот за одбрана Иван Анушиќ најави дека првите регрути ќе започнат со обука на почетокот на 2026 година.
Задолжителниот воен рок ќе трае два месеца и ќе се однесува на младите мажи кои во текот на годината полнат 19 години, почнувајќи од генерацијата родена во 2007 година. Можно е одложување од оправдани причини до 30-годишна возраст. За времето на обуката регрутите ќе добиваат месечна нето-надомест од 1.100 евра, а обуката ќе се спроведува во касарните во Книн, Пожега и Слуњ.
Предвидена е и можност за цивилно служење на воениот рок за оние кои поради верски или морални причини ќе поднесат приговор на совеста. Цивилната служба ќе трае три до четири месеци, но засега не е познато дали и колкав надомест ќе се исплаќа.
Жените нема да имаат обврска за воена служба, но ќе можат да се пријават доброволно.
Хрватска го суспендираше задолжителниот воен рок во 2008 година, а од тогаш војската се пополнува само на доброволна основа, со релативно слаб интерес, појаснува Бета.