
МНТ со „Народен пратеник“ ја освои главната награда на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Србија
Претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар ја освои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање.
Претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар ја освои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање.
Како што соопшти МНТ, со едногласна одлука, жирито во состав: Наташа Гвозденовиќ, театарска критичарка, Трајче Кацаров, драматург, и Васил Василев, театарски режисер и претседател на жирито во образложението истакнале дека претставата: „се издвојува како најдобра, бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејствието“.

-Ова признание е потврда за континуираната посветеност и креативност на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање, не е само успех на претставата, туку и на целата институција, која постојано вложува во уметнички вредности, професионализам и меѓународна соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила, изјавил директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Во конкуренција за наградите годинава учествуваа седум претстави, а фестивалот третпат имаше меѓународна селекција. Четири претстави беа од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.

Ова сценско остварување, на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин – еден од водечките театарски режисери на Балканот – беше изведено на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври.
Во претставата со брилијатна актерска игра настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“. Веќе четири и пол децении, овој фестивал претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различни естетики и културни вредности.
-Со учеството и победата на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврди стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност, се додава во соопштението.