Земјотрес со јачина од 6,1 степен го погоди западниот дел на Турција

Според Американскиот геолошки институт земјотресот веројатно е почувствуван и на македонска, бугарска, грчка и кипарска територија.

Силен земјотрес со јачина од 6.1 степен според Рихтеровата скала денеска ја погоди провинцијата Баликесир во Турција. Земјотресот беше почувствуван во околните провинции, особено во Истанбул, Измир и Бурса. Само неколку минути по првиот потрес, истата област ја погоди уште еден земјотрес со јачина од 4.2 степени.

Според Американскиот геолошки институт земјотресот веројатно е почувствуван и на македонска, бугарска, грчка и кипарска територија.

Според податоците објавени на веб-страницата на Управата за катастрофи и вонредни ситуации на Турција (АФАД) потресот од 6.1 степен е регистриран со епицентар во областа Синдирги.

Утврдено е дека земјотресот, кој беше почувствуван во многу провинции во регионите Мармара и Егеј, се случил на длабочина од 5.99 километри.

Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, објави дека тимовите веднаш почнале со теренски проверки и скенирање на теренот во врска со земјотресот од 6.1 степен во областа Синдирги.

Во изјава на социјалните мрежи, Јерликаја потврди дека сите тимови од АФАД и релевантните институции веднаш започнале со теренски истражувања.

Јерликаја, во изјава за Си-Ен-Ен Турк, потврди дека земјотресот предизвикал материјална штета. – Уништени се три згради и еден дуќан, изјави Јерликаја.

Една празна зграда, која веќе била оштетена во претходен земјотрес, се урнала по силниот потрес во Синдирги.

Проф. д-р Шенер Ушумезсој во изјава за Си-Ен-Ен Турк рече дека земјотресот во Баликесир не е последователен потрес (aftershock), туку „поттикнувачки“ земјотрес.

– Земјотресот во Синдирги е продолжение, малку понајугоисточно. Линијата на раседот пукнала на 15 километри оддалеченост, и таа има продолжение кон југ, објасни Ушумезсој.

Тој додаде дека станува збор за расед кој се откинува на површина од околу 100 километри.

– Луѓето од Синдирги не треба да очекуваат поголем земјотрес. Овој земјотрес е дел од претходниот земјотрес во Баликесир Синдирги. Како фиоките во комода. Откако се скрши едната, се скрши и другата. Тоа не е последователен потрес, туку земјотресот што тој го поттикна, нагласи професорот.