
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Израел, САД и другите посредници во постигнувањето договор за прекин на огнот во Појасот Газа разменуваат информации за да спречат какви било закани.
Рубио истакна дека тој вид соработка овозможил да се идентификува можноста за заканувачки напад минатиот викенд во Појасот Газа, објави „Тајмс оф Израел“.
Американскиот Стејт департмент пред една недела изјави дека има „веродостојни информации“ дека Хамас може да го прекрши прекинот на огнот со напаѓање на палестинските цивили во Газа.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на Блискиот Исток е постигнат мир, за кој верува дека може да трае вечно, но дека Хамас ќе мора да ги врати телата на загинатите заложници, меѓу кои и двајца Американци, или ќе бидат преземени мерки против палестинското движење.
„Имаме многу силен мир на Блискиот Исток и верувам дека има добри шанси да биде вечен. Хамас ќе мора брзо да почне да ги враќа телата на починатите заложници, меѓу кои и двајца Американци, или други земји вклучени во овој голем мир ќе преземат мерки. Некои тела тешко се наоѓаат, но други можат да се вратат сега, а од некоја причина оа не е направено“, наведе Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.