Мицкоски од Лондон: Очекувам прогрес и откочување на проблемот што го имаме на патот кон ЕУ

-Очекувам прогрес и во делот на откочување на проблемот којшто го имаме во овој момент, но ајде да видиме, рече Мицкоски, прашан за пораките од разговорите со партнерите на земјава на Самитот.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува прогрес и откочување на проблемот што земјава во моментов го има на својот евроинтегративен пат.

Тој ова кажа во изјава за Македонската радио телевизија (МРТ), од Лондон каде ја преводи владината делегација на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, но без да наведе повеќе детали.

-Очекувам прогрес и во делот на откочување на проблемот којшто го имаме во овој момент, но ајде да видиме, рече Мицкоски, прашан за пораките од разговорите со партнерите на земјава на Самитот.

Оценувајќи ја посетата на Лондон и присуството на Самитот како многу плодни и инспиративни, Мицкоски говорејќи на темата за евроинтеграциите првин се осврна на средбата со францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад, на која, како што кажа, ги изнел нашите позиции.

За потсетување, земјава сè уште ги нема отворено поглавјата од пристапните преговори со Европската Унија  бидејќи условот за тоа е вклучувањето на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот.

Актуелната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не се согласува уставните измени да бидат направени без претходно земјава да добие гаранции од Брисел дека нема да има други услови и вето од Бугарија на понатамошниот пат на Македонија кон ЕУ.

Ги кажавме нашите позиции, односно позициите коишто цело време ги повторуваме, дека мора да има испорака, гаранции од Европската Унија, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамките на министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед итн.

Тоа не се дополнителни услови, тоа значи партнерство, тоа значи добрососедски односи помеѓу двете земји“, изјави премиерот.