(ВИДЕО) После 738 денови во заточеништво, ослободени израелските заложници во Газа

Последните 13 живи заложници кои беа држени од Хамас во Појасот Газа се ослободени и предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, јавуваат израелските медиуми. Ова значи дека после 738 денови заточеништво, Хамас веќе не држи живи заложници во Газа.

Последните 13 живи заложници кои беа држени од Хамас во Појасот Газа се ослободени и предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, јавуваат израелските медиуми. Претходно денеска беа ослободени седум киднапирани Израелци, што значи дека после 738 денови заточеништво, Хамас веќе не држи живи заложници во Газа.

Некои од заложниците успеале да остварат краток видео-разговор со своите семејства непосредно пред ослободувањето, а снимките од тие моменти се појавија и на социјалните мрежи.

За многумина од нив тоа било прво визуелно гледање со роднините по повеќе од две години заробеништво, време во кое беа целосно изолирани од надворешниот свет.

Видеата се оценуваат како пропаганден потег на Хамас, со кој групата настојува да се претстави како хумана. На некои снимки се забележуваат вооружени припадници на Хамас во позадина.

Организацијата и претходно беше обвинувана за слична пропаганда при морбидните церемонии за предавање заложници порано оваа година.

За да се избегне таква медиумска експлоатација, овојпат предавањата биле извршени без церемонии и без присуство на медиуми.

„Сите доаѓате дома – сите!“, изјавила низ солзи Ејнав Зангаукер, мајка на еден од заложниците, цитирана од Тајмс оф Израел. „Војната заврши.“

Медиумите објавија и фотографии на други ослободени заложници – браќата Давид и Ариел Кунио и Нимрод Коен – како преку видео-разговор зборуваат со своите семејства. „Не можев ништо да слушнам, но ги видов и тоа е доволно“, рекла мајката на браќата Кунио.

Во следните часови се очекува ослободување и на 250 палестински затвореници и 1.700 лица задржани во Газа, меѓу кои и 22 деца.

Според израелските медиуми, затворениците се подготвуваат за напуштање на затворот Офер, лоциран на окупираниот Западен Брег.

Списокот на ослободените затвореници беше објавен од израелското Министерство за правда во петокот.

Во него не се вклучени седумте високи палестински функционери, меѓу кои Марван Баргути и Ахмад Саадат, кои Хамас ги бараше како дел од размената.

Десетици семејства од утринските часови чекаат пред затворот да ги пречекаат своите блиски. Според планот, околу 100 затвореници ќе бидат ослободени на Западниот Брег, други ќе бидат депортирани во Газа или Египет, а мал дел ќе биде ослободен во Источен Ерусалим.