Планот на Албанија: Преговорите со ЕУ завршени во 2027, членство во 2030

Албанскиот претседател Бајрам Бегај на самитот на Процесот Брдо-Бриони во Драч изјави дека членството во Европската унија за Албанија не е само политичка цел, туку национална мисија.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај денес, отворајќи го самитот на Процесот Брдо-Бриони во Драч, изјави дека членството во Европската унија за Албанија не е само политичка цел, туку национална мисија.

„Интеграцијата во ЕУ продолжува да ужива огромна поддршка во нашето општество, бидејќи ги одразува вредностите со кои се идентификуваме: демократијата и владеењето на правото. Албанија постигна опиплив и мерлив напредок за кратко време“, рече Бегај, отворајќи го настанот.

Тој потсети дека Албанија веќе отворила пет од шест кластери во преговорите со ЕУ и работи на понатамошен напредок во судските реформи, зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал.

„Нашата цел е да ги завршиме техничките преговори до крајот на 2027 година и да станеме полноправна членка на ЕУ во 2030 година“, рече Бегај.

На самитот учествуваат претседателите на Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Косово, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, а Македонија ја претставува претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Целта на овој дводневен самит е да се поддржи европската интеграција на регионот и соработката на земјите за европска иднина.

Во центарот на дискусиите ќе биде Планот за раст на Европската унија, финансиски пакет од 6 милијарди евра за периодот 2024–2027 година, кој има за цел да го поттикне економскиот развој и да ја забрза интеграцијата на земјите од регионот во заедничкиот европски пазар.