Николоски: Реакцијата на Заев е доказ кој е лидер од сенка на СДСМ

Целта на ова СДСМ, според Николоски, е да се заштитат одредени елити во рамки на самата политичка партија.

Денешната реакција на поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев на обвинувањата за наводни куферчиња пари од поранешниот премиер на Бугарија, од ВМРО-ДПМНЕ ја оценуваат како израз на паника и страв. Според ВМРО-ДПМНЕ, реакцијата на Заев е доказ дека лидерот на СДСМ во сенка е токму Зоран Заев.

– Човекот кој ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чие што време криминалот цветаше и се случија најголемите корупциски афери, наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на СДСМ кој во суштина ја води партијата. А дека имаат концесии кон источниот сосед многу јасно говори и декларацијата што ја понудија во македонското Собрание на само неколку дена пред почетокот на кампањата која очигледно Заев ја пишувал, а Венко Филипче ја поднесе, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес-конференција.

Целта на ова СДСМ, според Николоски, е да се заштитат одредени елити во рамки на самата политичка партија.

– Многу е јасно дека ваков СДСМ има само една цел, а тоа е да заштити одредени елити во рамки на самата политичка партија и затоа е толку голем отпорот кон реформи во судството и обвинителство и тоа е последниот бастион на неколку елити во СДСМ. Овој СДСМ служи само на Зоран Заев и на ДУИ и Али Ахмети кои гледаат повторно можност и шанса во политиката, рече Николоски.

Затоа, според Николоски, е потребна масовна референдумска излезност на изборите и тие да завршат уште во првиот круг на 19 октомври.

Поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев денеска преку објава на Фејсбук одговори на обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за наводни „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“. Во објавата, Заев ги отфрли ваквите обвинувања како лаги и клевети, оценувајќи дека станува збор за обид на премиерот Мицкоски да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите, како што посочува, неуспеси.

Заев до Мицкоски: Неспособен си и самобендисан и затоа клеветиш