(ВИДЕО) Стојановски: Реториката Мицкоски-Ахмети им користи и на двајцата, губитници се СДСМ и ВЛЕН

➡ Реториката на Мицкоски кон Ахмети практично претставува продолжение од изборната кампања на претходните парламентарни избори ланската година по која дојде до промена на власта. ➡ Тие политички профитираат од таков тип на размена на зборови, во смисла на партиски рејтинзи и автоматски им наштетуваат не само на коалициските партнери на Мицкоски, односно на ВЛЕН, туку и на СДСМ. Најголеми губитници од таа директна конфронтација на релација Мицкоски - Ахмети, на етно-национална основа, се СДСМ и ВЛЕН. ➡ Кога го спомнуваме Кичево, сметам дека тоа треба да биде најголем изборен трофеј што го посакува ВМРО-ДПМНЕ. Иста таква општина со многу големо значење за СДСМ сметам дека ќе биде Куманово. СДСМ за да почне да се враќа во живот сметам дека мора прво да ги врати тие гласови и гласачи што заминаа кај ЗНАМ. Тие се гласови директно откинати од ткивото на СДСМ и доколку успее да триумфира СДСМ во Куманово, тоа ќе биде почеток на тој процес на враќање на тие гласови кои ќе и помогнат на партијата повторно да се крене во живот, па и да се врати на победнички патеки, вели Стојановски.

„Реториката на Мицкоски кон Ахмети практично претставува продолжение од изборната кампања на претходните парламентарни избори ланската година по која дојде до промена на власта. Таа изборна кампања кулминираше со ваков тип на размена на зборови помеѓу Ахмети и Мицкоски кои содржеа тип на метафори кои во себе имаат елементи на навреди, па и на закани. Гледаме дека таков тип на реторика и кампања продолжува сега во пресрет на локалните избори. Таков тип на реторика и кампања им користи и на Ахмети и на Мицкоски. Тие политички профитираат од таков тип на размена на зборови, во смисла на партиски рејтинзи и автоматски им наштетуваат не само на коалициските партнери на Мицкоски, односно на ВЛЕН, туку и на СДСМ. Најголеми губитници од таа директна конфронтација на релација Мицкоски – Ахмети, на етно-национална основа, се СДСМ и ВЛЕН. Претпоставувам така ќе биде и на овие избори, вели новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, прашан за тоа дали реториката на Мицкоски кон Ахмети практично ги обединува Албанците околу „интегративците“ и на некој начин му штети на ВЛЕН.

Прашан колку истрагата и обвиненијата поврзани со трагедијата во дискотеката „Пулс“ ќе имаат некакви реперкусии врз целосниот изборен резултат, пред сѐ врз владејачката гарнитура, Стојановски смета дека е неминовно да имаат одредено влијание поради размерот и пропорциите кои ги имаше трагедијата.

„Но мислам дека тоа влијание нема да биде големо или пресудно од една едноставна причина што актуелната гарнитура владее година ипол. Тоа и дава комоција и простор на власта да избегне одговорност за ваков тип на трагедии кои се квалификуваат како системски трагедии, како пропуст на системот, а тој систем не го градела само таа влада, таа една година, туку е производ на многу други влади претходно“, вели Стојановски.

Влатко Стојановски

За тоа дали разгорувањето на политичкиот пожар им штети и на двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, имајќи предвид дека во делот на трагедијата во Кочани веројатно има вмешаност и на претходните гарнитури, но одговорноста треба да се бара и од актуелната власт, Стојановски вели дека вмешаност на индивидуално ниво има на луѓе од сите гарнитури кои припаѓаат или инклинираат кон левата и кон десната опција.

„Прашањето е што тука не станува збор за индивидуална одговорност. Таа одговорност можеби и ќе се лоцира, иако има дилеми и за тоа – како ќе тече судскиот процес, кога ќе заврши. На крај таа одговорност може и да се лоцира, но тука не збориме само за кривично-правна одговорност туку збориме и за политичка и за морална одговорност. Сметам дека таа одговорност сега за сега не е преземена“, вели Стојановски.

Прашан за делот на битката во албанскиот кампус – Чаир, Гостивар, Тетово, па и Кичево и дали од тоа може да очекуваме ново прекројување на политичката сцена, Стојановски вели дека е можно и тоа главно зависи и од изборните резултати, но и од интерпретацијата на истите.

„На ланските избори имавме номинално едни бројки, но и едната и другата коалиција – на ДУИ и на ВЛЕН, се прогласија за победници. Можно е и сега да се случи иста ситуација. ДУИ да освои повеќе гласови кумулативно на советничките листи, бидејќи е најраспространета партија, има гласови во средини каде што ВЛЕН нема ни отворено штабови, но ДУИ нема да може да демонстрира триумфализам додека не ги освои градоначалничките места во водечките општини. Пред сѐ оние со најголема симболика. Тоа се Чаир и Тетово, каде што двајцата фронтмени на ВЛЕН влегуваат во директна битка. Тука би ги ставил Гостивар, Струга. ДУИ мора да триумфира во тие општини ако сака да прогласи победа во секоја смисла, победа која нема да биде оспорувана. Доколку ДУИ успее да го постигне тоа, тогаш притисокот за вонредни избори ќе биде преголем и не сум сигурен колку власта ќе може да го издржи. Доколку биде обратна ситуација, тогаш тоа ќе значи вовед во консолидација на ВЛЕН како единствена политичка партија и зависно од тие два исхода можно е и регрупирање на политичката сцена.

-Кога го спомнуваме Кичево, сметам дека тоа треба да биде најголем изборен трофеј што го посакува ВМРО-ДПМНЕ. Иста таква општина со многу големо значење за СДСМ сметам дека ќе биде Куманово. СДСМ за да почне да се враќа во живот сметам дека мора прво да ги врати тие гласови и гласачи што заминаа кај ЗНАМ. Тие се гласови директно откинати од ткивото на СДСМ и доколку успее да триумфира СДСМ во Куманово, тоа ќе биде почеток на тој процес на враќање на тие гласови кои ќе и помогнат на партијата повторно да се крене во живот, па и да се врати на победнички патеки“, вели Стојановски.

Целиот разговор со новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, погледнете го во видеото.