Анкета: Прикривање, корупција и неефикасност ѝ припишуваат Грците на Владата

➡ Незадоволство од работата на Владата во низа области меѓу кои надворешната политика, миграцијата и ефикасноста, изразува мнозинството Грци вклучени во истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Alco“ за грчката телевизија „Алфа“.

Незадоволство од работата на Владата во низа области меѓу кои надворешната политика, миграцијата и ефикасноста, изразува мнозинството Грци вклучени во истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Alco“ за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓу зборовите „ефикасност“ и „неефикасност“, 69 отсто од испитаниците, Владата ја карактеризираат со неефикасност, седум од десет Грци во Владата гледа „корупција“ наспроти само 14 проценти, кои одбрале „чесност“ за да ја опишат власта, а исто толку Владата ја карактеризирале со „транспарентност“, наспроти 74 отсто кои веруваат дека вистинскиот збор е „прикривање“.

За надворешната политика на Владата и дали ефикасно ги брани интересите на земјата, 62 проценти одговориле негативно, додека пак за миграциската политика, 71 отсто ја смета за неефикасна.

Повеќе од половина од анкетираните (57 отсто) одговориле дека на следните избори, ќе гласаат за да изразат протест, а 34 проценти гласот ќе го дадат за „стабилност“.

Во однос на тоа дали постои партија која во голема мера ги изразува нивните ставови 61 отсто одговориле негативно.

На политичката сцена Нова Демократија е прва со рејтинг од 24 проценти, втора е ПАСОК со 11,5 отсто, Грчко решение е трета со 9,3 проценти, а потоа следат Комунистичката партија, Курс на слобода и СИРИЗА, додека пак неопределените гласачи се 19 отсто.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Alco“ за телевизијата „Алфа“ било спроведен од 23 до 27 септември со анкетирани 1.000 лица со право на глас.