Претседателот на Комисијата за верски заедници – Даријан Сотировски за Трилинг го презентира својот став по вчерашното прогласување на автокефалност за МПЦ-ОА од страна на СПЦ:
„Препознавањето на автокефалниот статус на нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија е точка до која стигнавме по подолг процес на засилена црковно-државна дипломатија за исправување на една голема неправда за македонскиот народ.
Беше особена чест да се биде во служба кога кулминираа сите наши досегашни заложби. Од оваа точка наназад се сите наши обиди, тежнеења, жртвувања, години на верба, години на трпење и изолираност, а од тука натаму се наѕира крајот, а тоа е формализирањето на препознаениот автокефален статус, кој нашата црква во полната го живееше, со потврдување на истиот од првопрестолниот Вселенски патријарх, Неговата Сесветост г. Вартоломеј.
Патот кој го изминавме говори за духовноста на нашата света МПЦ-ОА, за нејзиниот чист христијански етос, за нејзината зрелост, за нејзиното значење на нас нејзините чеда, но и дека оваа генерација умее и може да донесе нови времиња.
Честитајќи го ова ново поглавје кое се отвара во нашата црковна и национална историја, убеден во можностите, потенцијалите и плодовите кои со понатамошен труд можеме и мораме да ги постигнуваме ќе заклучам: Македонци бидете горди!“ вели Сотировски.