Богдановски: Ова прашање беше издигнато како национален приоритет на многу политички елити и влади низ годините

Андреја Богдановски – докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија каде ги истражува движењата за автокефалија во Источна Европа и на Балканот за Трилинг го презентира својот став по вчерашното прогласување на автокефалност на МПЦ-ОА од Српската православна црква на чело со поглаварот Порфириј:

„Ова е историско достигнување и поволен расплет на македонските полувековни стремежи за своја и независна црква. Се покажа дека доколку постои волја од сите чинители почнувајќи со СПЦ и Вселенската Патријаршија па и МПЦ-ОА до решение може да се дојде и тоа во доста кратко време. Со ова МПЦ треба да стане 16 призната автокефална црква после Православната Црква на Украина призната во 2019.

Ова е прашање кое што беше издигнато како врвен национален приоритет на многу политички елити и влади низ претходните години. По осамостојувањето од 1991 признавањето на автокефалноста на МПЦ се сметаше за едно од поважните надворешно-политички прашања како што тоа беше стратегиската определба за членство во НАТО и пристапување во ЕУ. Како и со доделувањето на останатите автокефалии во минатото па и во понови времиња денешното достигнување се смета за значаен дел во зацврстувањето на македонската државност.

Клучна година сепак е 2018 кога и црковно-државниот врв набрзо ја смени стратегијата поставена првично кон приближување кон Бугарската црква и активно се вклучи во лобирање за автокефалија кај Вселенскиот Патријарх, а во истовреме решавајќи го и проблемот со името преку Преспанскиот договор. Двоумењето на БПЦ го есктернализираше македонското црковно прашање и го доведе пред портите на Вселенската Патријаршија.

Она што дополнително го помогна целиот процес е и спремноста на МПЦ да го носи називот Охридска Архиепископија што беше доволно силна порака до Вселенскиот Патријарх по што и го превезема целиот случај со МПЦ. Па така улогата на Вартоломеј ја гледам низ целиот овој период во насока на мек притисок кон СПЦ за да се дојде до решение. Затоа во Јануари 2020 Вартоломеј испрати важна порака дека е спремен за медијаторство помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ, и сега на почетокот на мај одлучи да интервенира во македонското црковно прашање, притоа не со присила и носење на арбитрарни одлуки кои ќе го прејудицираат финалниот статус туку со давање на дознаење на СПЦ дека прашањето на МПЦ е дојдено за решавање.

Доколку СПЦ не покажеше подготвеност за преговори и продолжеше да го игнорира Вселенскиот Патријарх тогаш се оставаше можност за подиректна интервенција од страна на Вартоломеј, како што тоа беше случај во Украина“ вели Андреја Богдановски.