
ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ
Многу е веројатно дека набрзо по редовните локални избори ќе нè очекуваат предвремени парламентарни избори. Причината е што ВЛЕН најверојатно ќе потфрли на локалните избори, а по такви резултати Мицкоски и ВМРО–ДПМНЕ ќе бидат под сериозен притисок – и од ДУИ и од меѓународната заедница – да ја почитуваат волјата на албанскиот електорат.
Александар Бежовски
Многу е веројатно дека набрзо по редовните локални избори ќе нè очекуваат предвремени парламентарни избори. Причината е што ВЛЕН најверојатно ќе потфрли на локалните избори, а по такви резултати Мицкоски и ВМРО–ДПМНЕ ќе бидат под сериозен притисок – и од ДУИ и од меѓународната заедница – да ја почитуваат волјата на албанскиот електорат.
Општата состојба во државата не е розова, и покрај убеденоста на премиерот дека сме „водечка економија во светот“ и дека неговата влада немала ниту една афера. Тој е уверен дека и локалната власт што ја држат од 2021 година е без афери – но дали навистина е така?
Оваа убеденост доведе до повторна номинација на повеќе неуспешни градоначалници за втор мандат. Еден од нив стана и кандидат за градоначалник на Скопје, иако нема ниту еден значаен резултат на терен – особено станува збор општината Кисела Вода.
Сериозното намалување на поддршката на ВМРО–ДПМНЕ најмногу ќе биде поради трагедијата во Кочани – пожарот во дискотеката „Пулс“, но и поради честите пожари на скопските депонии, без разлика дали се подметнати или не. Дополнителни удари се аферите со дипломите, обвинувањата за корупција и непотизам, како и „бахатоста“ во владеењето – термин што го употреби самиот премиер. Лично, изминативе 15–16 месеци од владеењето на Мицкоски ме потсетуваат на владеењето на Љубчо Георгиевски, само што сега Мицкоски ја има медиумската поддршка и олигархијата на своја страна.
Ситуацијата е уште потешка кај СДСМ. Таму падот на гласови ќе биде голем – пред сè поради ЗНАМ, безидејноста и млакото опозициско делување, стигмата од промената на името и бугарскиот договор, како и старите фамилијарно-клановски именувања во раководството. Дополнителен проблем е и немањето на нови млади кадри и младинска организација.
Може да се забележи дека СДСМ се спушти од политика на „либерално јадро“ на политика на „либерален меур“ – меур кој ќе пукне по изборите, кога СДСМ веројатно ќе падне на третото место по големина. Да потсетиме: концептот на „меурот“ го дефинираше Фрчковски, а го пропагираше Чупевска – а уште одамна Бранко Црвенковски го исклучи Фрчковски од партијата со зборовите дека „не оди на квиз, туку на избори“.
Сето ова ќе доведе до понатамошен пад на гласовите на СДСМ и многу веројатно до губење на последните бастиони – Центар и можеби и на Струмица.
Најголем добитник од ваквата состојба ќе биде Левица. Како што рече и актуелниот градоначалник на Струмица од СДСМ, Костадин Костадинов – „левичарската младина е во Левица, а не во СДСМ“. На парламентарната говорница јасно се гледа дека дебатерските способности се на страната на Димитар Апасиев и Левица. Во случај доколку Орце Георгиевски се осмели да се појави на дебата со Амер Мециновиќ, ќе помине полошо од Шилегов на локалните избори во 2021 година.
Атмосферата се загрева. Како што кажа и самиот премиер , се очекува „црна кампања“. Тоа значи уцени, закани, купување гласови и изборен инженеринг. Странците, како и секогаш, ќе бараат само фер и легални избори на самиот ден и ќе соработуваат со победниците.
Сè друго ќе се стави „под тепих“ – лошата екологија, партизацијата, корупцијата, горењето на депониите, дискотеки што стануваат нарко-дувла и целата 30-годишна деградација што доведе до иселување на 500.000 наши сограѓани.
Ништо ново – сè е како и досега.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“