
Обвинителите Лиле Стефанова и Бурим Рустеми ќе поднесат кривични пријави против бизнисмен за лажно пријавување, откако нивните имиња со денови се поврзуваат со наводна афера „Рекет 2“.
Поточно дел од медиумите, но и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, објавуваат дека обвинителите наводно рекетирале познат бизнисмен.
Поради наводна вмешаност во афера побаравме изјави од двајцата обвинители, кои ги демантираат објавите и најавуваат кривични пријави за бизнисменот за лажно пријавување, но и за иницијаторите на кривичната пријава против нив, јавува Фокус.
-Инсистирам и барам ОЈОГОКК итно да постапи и да ги испита наводите од пријавата во која ќе се докаже дека сум опфатена без ниту еден реален основ. Јас воопшто не сум водела никаков предмет против подносителот на пријавата. Единствена причина поради која сум пријавена е моето учество во надзорот во Вишото јавно обвинителство Скопје, каде еден од предметите опфатени со надзорот беше токму предметот во кој незаконски беше повлечена жалба на решението за запирање на постапката против подносителот на пријавата, со што беше нанесена штета од повеќе милиони евра. Бидејќи и самиот подносител знае дека не сум сторила никакво кривично дело, а сепак ме пријавува, откако ОЈОГОКК ќе го утврди тоа низ една законита постапка, јас ќе иницирам постапка против него за лажно пријавување на кривично дело, изјави за ,,Фокус” обвинителката Лиле Стефанова.
И обвинителит Бурим Рустеми изјави дека пријавата против него е лажна.
-Пријавата против мене е целосно неоснована и е поднесена без ниту еден доказ, бидејќи таков не ни може да има. Поднесена е од обвинето лице против кое водев предмет ,,Поштенска банка” и му поднесов обвинение со сомненија за сторен милионски криминал. Доколку вишиот јавен обвинител не одлучеше неосновано да ја повлече жалбата на решението за запирање на постапката, тој предмет ќе продолжеше и ќе завршеше со осудителна пресуда. Од таа причина, мотивите за поднесување на ваква лажна пријава за мене се повеќе од јасни и немам намера да ги премолчам. Подносителот на лажната пријава ќе го пријавам за лажното пријавување на кривично дело, ни изјави Рустеми.
Како што неофицијално дознава ,,Фокус” од сигурни извори, подносител на пријавата против обвинителите е бизнисменот Томе Главчев, кој беше еден од обвинетите во случаите на СЈО, ,,Поштенска банка”.
Предмет го водеше обвинителот Рустеми, но истиот пропадна откако вишиот обвинител Јован Цветановски ја повлече жалбата. Овој случај пак се најде и во извештајот на обвинителите кои неодамна извршија надзор над работата на скопското Вишо обвинителство и утврдија дека обвинителот Цветановски неосновано се откажал од предметот. Во комисијата која ја вршеше ревизијата пак учествуваше обвинителката Лиле Стефанова.
Пред неколку дена штипското обвинителство поднесе и обвинителен предлог против обвинителот Цветановски и неговиот доскорашен шеф Мустафа Хајрулахи. Едно од обвинувањата е дека Хајрулахи ,,местел” предмети кај обвинителот Цветановски, кој пак незаконски постапувал по нив.
-Спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писмена кои по отворањето, му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено барал од службениците тие предмети директно „без многу галама“ да бидат доделувани на второобвинетиот.
Постапувајќи во наведените предмети, обвинетите не ја извршувале својата службена должност согласно чл.7 од Законот за јавното обвинителство, односно функцијата јавен обвинител ја вршеле незаконито, пристрасно и субјективно, со непочитување и без заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти, надвор од рамките на своите надлежности, а со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист, со што потешко ги повредиле правата на странките во неколку постапки, информираа од Обвинителството.
Цветановски пак во јавноста изјави дека не е виновен, но притоа ја спомнува и наводната афера ,,Рекет 2″.
-Обвиниението не е во правна сила. ОЈО Штип го поднело до Основниот суд Штип, кој се огласил за ненадлежен и се уште трае процедурата кој суд ќе биде надлежен, што значи дека обвинетите не се запознаени за ова обвинение. Формално правно ова е обвинение што не е во правна сили и дали ќе биде не се знае, сепак треба судот да одлучи. Денешното соопштение е само резултат на тоа што во овие неколку дена во јавноста излезе информација дека постои предмет Рекет 2 по кој Обвинителство не постапува, а таму обвинители се Бурим Рустеми и Лиле Стефанова од поранешното СЈО, од кои што Стефанова го правеше надзорот врз мојата работа на предмети на СЈО и наводно таа утврдила злоупотреба, која што сега е предмет и на тоа обвинение, изјави Цветановски.
Но она што е интересно е што бизнисменот Главчев уште пред шест години сведочеше во случајот ,,Рекет”, кој се водеше против Катица Јанева и Бојан Јовановски, и тогаш под заклетва за кривична одговорност истакна дека не му биле барани пари во истрагата за ,,Поштенска банка”. Тогаш бизнисменот негираше дека бил рекетиран за случајот, но сега по неколку години се предомисли и поднесе пријава против обвинителите.
Тој тогаш појасни дека од неговата фирмата покрај машки, решиле да произведуваат и женски кошули, па затоа сакале да се рекламираат и да се промовираат.
„Стапивме во контакт со повеќе медиуми, меѓу кои и со господинот Јовановски. Мене ми требаше простор за реклама за околу 40-50.000 евра годишно. Разговорите беа успешни, коректно се водеа сè до моето приведување. Потоа, цената малку скокна. Понудата беше 100.000 евра. Договорот го потпишавме на 20 октомври. Условите беа поволни, 50 отсто требаше да бидат исплатени по потпишување, а другите понатаму“, рече Главчев кој додаде дека со Боки воопшто не разговарал за случајот „Поштенска банка“.
„Сме разговарале и за други работи, тој е интересна фигура, се мешаше во креацијата на кошулите, има познавање за тоа, сакаше да дојде и во фабриката да види како функционира тоа. Јас имав изработено и неколку кошули за него, по негови нацрти. За такви теми сме разговарале. За ‘Поштенска банка’ тој не ми си спомна ништо, туку јас. Му реков: ‘Боки, имаш некоја информација за мојот случај?’ Тој рече: ‘Јас мислам дека ти си дел од една колатералка и треба да бидеш спокоен’. Толку беше разговорот“, рече во своето сведочење Главчев.
Извор: Фокус