Филипче: Граѓаните се оставени сами без мерки за високите цени и со најниски плати, Мицкоски тоа го призна

Според него, станува јасно дека актуелната власт е или премногу занесена од чувството на моќ или сосема ја изгубила врската со реалноста. А реалноста, како што посочи, е дека стандардот на граѓаните е драматично срушен.

„Жалам што вчера премиерот изјави дека нема да се интервенира во цените на производите, вклучувајќи ги и основните прехранбени продукти,“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на брифинг со новинарите.

Филипче потенцираше дека ова е потврда за она што СДСМ го алармира веќе цела година – дека Владата нема никаква намера да ги заштити граѓаните, ниту да балансира меѓу интересите на големите трговски синџири и потребите на обичниот народ.

„Практично, вчера власта им порача на граѓаните – оставени сте сами на себе,“ истакна Филипче.

Според него, станува јасно дека актуелната власт е или премногу занесена од чувството на моќ или сосема ја изгубила врската со реалноста. А реалноста, како што посочи, е дека стандардот на граѓаните е драматично срушен.

„Оставија инфлацијата целосно да ги срози платите. Заштитувајќи ги интересите на блиски бизнисмени, дозволија цените едноставно да дивеат,“ кажа Филипче.

На тврдењата на премиерот Мицкоски дека „инфлацијата значително забавува“, Филипче остро возврати:

„Тоа не е вистина. Статистиката не лаже – Македонија има инфлација меѓу највисоките во Европа. Додека просечната инфлација во ЕУ е 2.1%, кај нас во август е 4.4%, двојно повисока.“

Филипче предупреди дека ценовниот раст не запира. Само во август, во споредба со истиот месец лани, цените на храната пораснале за 6.7%, а овошјето и зеленчукот за над 11%.

„Синдикалната потрошувачка кошничка за август е над 65.000 денари. А оваа влада е единствената во регионот која на ваков раст на цени реагира со игнорирање,“ посочи тој.

Додека во Албанија минималната плата од следната година ќе биде 500 евра, а во Србија се планира зголемување на 550 евра, само македонските граѓани остануваат заглавени во сиромаштија поради, како што рече, политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова нема никаква врска со трета или четврта економска сила, како што сака Мицкоски да прикаже. Ова е само доказ за неспособноста и незаинтересираноста на владејачката коалиција да им помогне на граѓаните,“ истакна Филипче.

Тој ја заклучи изјавата со порака дека веќе дури ни пропагандата на Мицкоски не верува во приказните за економски успех.

„Граѓаните се тие што најдобро знаат како живеат. Едноставно, не можат да врзат крај со крај во текот на месецот,“ рече Венко Филипче.

СДСМ повторно ја повикува Владата да престане со игнорантноста и веднаш да донесе сет на конкретни и ефикасни економски мерки за помош на граѓаните.