
Фон дер Лајен бара ЕУ да одлучува со квалификувано мнозинство во надворешната политика
Токму сега се исцртуваат бојните линии за новиот светски поредок заснован на моќ и затоа Европа мора да се бори за своето место во свет во кој многу големи сили се или амбивалентни или отворено непријателски настроени кон неа, рече Фон дер Лајен во годишното обраќање пред Европарламентот.
Ако сакаме да обезбедиме Европската Унија да биде поефикасна и да може да испорачува резултати за Европејците, потребна е промена на начинот на носење одлуки, нагласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање пред Европарламентот познато како „Состојбата на Европската Унија“.
– Верувам дека треба да преминеме на одлучување со квалификувано мнозинство во некои области, на пример во надворешната политика. Време е да се ослободиме од оковите на консензусот – порача Фон дер Лајен.
Според неа, токму сега се исцртуваат бојните линии за новиот светски поредок заснован на моќ и затоа Европа мора да се бори за своето место во свет во кој многу големи сили се или амбивалентни или отворено непријателски настроени кон неа.
– Тоа е борба за континент кој е целовит и во мир. За слободна и независна Европа. Борба за нашите вредности и нашите демократии. Борба за нашата слобода и нашата способност сами да ја одредиме нашата судбина. Немојте да се залажувате, ова е борба за нашата иднина – рече Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека фундаментално ЕУ е мировен проект, но во услови на денешниот немилосрден свет, таа не може да ги занемарува тешкотиите што Европејците секојдневно ги чувствуваат – промените на Земјата, влијанието на глобалната криза и повисоките трошоци за живот.
– Тие ја чувствуваат брзината на промените што влијаат на нивните животи и кариери и тие се грижат за бескрајната спирала на настани што ги гледаат на вестите – од разорните сцени во Газа до немилосрдниот руски напад врз Украина. Едноставно едвај чекаме да помине оваа бура – рече Фон дер Лајен.
Според неа, во услови на свет на империјални амбиции и империјални војни мора да се појави нова Европа.
– Ова мора да биде Моментот на независноста на Европа. Верувам дека ова е мисијата на нашата Унија. Да можеме да се грижиме за сопствената одбрана и безбедност, да ја преземеме контролата врз технологиите и енергиите што ќе ги напојуваат нашите економии, да одлучиме во какво општество и демократија сакаме да живееме, да бидеме отворени кон светот и да избираме партнерства со сојузници, и стари и нови. На крајот на краиштата, станува збор за слобода и моќ да ја одредиме сопствената судбина. Знаеме дека можеме да го направиме тоа – рече Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека во многу случаи, како за време на Ковид пандемијата, планот за закрепнување, одбраната, поддршката на Украина и енергетската безбедност, слушала дека Европа не може да го стори тоа.
– Но, секогаш Европа беше обединета и успеа. Треба и сега да го сториме истото. Изборот е јасен и затоа мојот денешен повик е повик за единство. Единство меѓу земјите членки. Единство меѓу институциите на ЕУ. Единство меѓу проевропските демократски сили во овој Дом. Јас сум тука и сите комесари се тука, подготвени да го зајакнеме проевропското демократско мнозинство, бидејќи тоа е единственото што може да испорача за Европејците – истакна Фон дер Лајен.
Според неа, европската демократија е нападната, а зголемувањето на манипулацијата со информации и дезинформациите ги дели општествата и ја еродира довербата во вистината и во самите демократски принципи.
– Затоа итно ни е потребен Европскиот штит за демократија. Ни треба поголем капацитет за следење и откривање на манипулациите со информации и дезинформации. Затоа ќе формираме нов Европски центар за демократска отпорност. Ова ќе ги обедини сите експертизи и капацитети низ земјите членки и соседните држави – рече Фон дер Лајен.
Во обраќањето таа најави дека ЕК ќе промовира Патоказ за нови заеднички одбранбени проекти и создавање Европски одбранбен семестар до 2030 година, со цел изградба на силна и кредибилна европска одбранбена позиција што ќе може да ја гарантира безбедноста ЕУ.
– Ова не е апстрактна амбиција. Тоа е темелот на кредибилната одбрана. Тоа не остава никаква двосмисленост во врска со нашите намери. Европа ќе ја брани секоја педа од својата територија – порача Фон дер Лајен.
Според неа, независноста на Европа ќе зависи од нејзината способност да биде конкурентна во денешните турбулентни времиња, па затоа најави создавање Фонд за конкурентност, двојно зголемување на средствата на програма за истражување и иновации „Хоризонт Европа“, намалување на бирократските трошоци за европските компании и поголеми инвестиции во младите и компании во клучните технолошки области.
Фон дер Лајен се осврна и на трговскиот договор со САД, потенцирајќи дека ги разбира првичните реакции по него, но како што рече од европско-американските трговски односи зависат милиони работни места во Европа.
– Како претседателка на Комисијата, никогаш нема да се коцкам со работните места или средствата за живот на луѓето. Затоа склучивме договор за да го задржиме пристапот на нашите индустрии до (американскиот) пазар и обезбедивме Европа да го добие најдобриот можен договор. Ние имаме најдобар договор, без никаков сомнеж. Без разлика дали станува збор за еколошка или дигитална регулатива, ние ги поставуваме сопствените стандарди и прописи. Европа секогаш ќе одлучува сама за себе – порача Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК најави и презентирање на План за Единствениот европски пазар до 2028 година, кој ќе ги опфати пазарите за капиталот, услуги, енергија, телекомуникации и знаење и иновации.
– Ова ќе ги поддржи нашите инвестиции во технологиите што ќе ја поттикнат нашата чиста и дигитална економија – рече Фон дер Лајен.
Таа најави и нови мерки за декарбонизација, намалување на емисиите на штетни гасови и зајакнување на енергетската независност на ЕУ, програми за отворање нови работни места, заштита на европските компании од протекционистички мерки, борба против сиромаштијата, поддршка за земјоделците, ослободување од зависноста на руските фосилни горива, нова Глобална иницијатива за здравствена отпорност и нов центар за справување со пожари.
– Ова е Европа која претставува една заедница. Ова е Европа што ја сакам. Ова е Европа што мора да ја заштитиме по секоја цена. Тоа мора да го направиме заедно – рече Фон дер Лајен.
Според неа, Европејците отсекогаш морале да се борат за своите слободи и таа борба е длабоко вкоренета во сите жители на Европа.
– Пред 80 години нашиот континент беше пекол на земјата. Пред 40 години нашиот континент беше поделен со ѕид. Но, во секоја прилика, Европејците одлучуваа да се борат за подобра иднина. За да се обединат и да станат посилни. За ова ќе се стремам секој ден. Да живее Европа – потенцира Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент што траеше нешто повеќе од еден час и 13 минути.
Извор: Плусинфо