Економски форум во Давос – војната во Украина и ризиците врз економијата во фокусот
Од денеска во Давос, Швајцарија започнува Светскиот економски форум во чиј фокус ќе бидат војната во Украина и ризиците што судирот ги претставува по светската економија.
По две години пауза поради пандемијата на Ковид 19 состанок повторно ќе се одржи во живо, но наместо како што беше планирано во јануари, поради омикрон-варијантата оваа година се одржува во мај.
„Нашите први мисли се насочени кон војната во Украина“, рече основачот на Форумот – Клаус Шваб на презентацијата на програмата.
Доминантни теми на дискусија на годишниот состанок што ќе трае до четврток ќе бидат војната во Украина, пандемијата на коронавирусот и климатските промени. Учесниците на собирот, меѓу другото, ќе разговараат и за ефектите што војната во Украина ги има врз синџирите на снабдување, безбедноста на храната, како и енергетските предизвици.
Прв ќе се обрати на форумот украинскиот претседател Володимир Зеленски, преку видео-линк, додека како гости на состанокот се најавени градоначалникот на Киев Виталиј Кличко и неговиот брат Владимир.
На четиридневниот собир се планирани речиси 2.500 учесници од политиката и економијата. Мотото е „Историјата на пресвртница: владини политики и деловни стратегии“.