„Меѓународната заедница треба да ги намали трговските бариери за да се бори со инфлацијата“

„Меѓународната заедница треба да ги намали трговските бариери, за да се бори со инфлацијата“.

Ова е препорака која денес е објавена од извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) – Кристалина Георгиева, нејзиниот прв заменик – Гита Гопинат и директорката на Одделот на стратегија, политика и анализа на ММФ – Џејла Пазарбасиоглу. Тие повикаа на „враќање на довербата во глобалниот систем, заснован на правила“.

„Можеме да започнеме уште сега со намалување на трговските бариери, за да се надмине недостигот и да се намалат цените на продуктите и другите стоки. Не само државите, туку и компаниите треба да го диверзифицираат увозот, за да се обезбедат синџири за снабдување и да се зачуваат огромните деловни придобивки од глобалната интеграција“ – велат од ММФ.

Посочуваат дека тензиите околу трговијата, технолошките стандарди и безбедноста, „се зголемуваат со години, поткопувајќи ги растот и довербата во сегашниот глобален економски систем“.

Според ММФ, „само несигурноста околу трговската политика довела до пад на светскиот БДП за речиси еден процент во 2019 година“.