
Зеленски за можноста за гласање во Украина: За време на војна нема избори
„За време на војна не можете да организирате избори“, рече Зеленски, додавајќи дека за тоа би било потребно примирје. Според него, тоа би требало да опфати копно, море и воздушен простор за да се овозможи „демократски“ и „законит“ изборен процес.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека избори во Украина нема да се одржат сè додека трае војната со Русија. Одговарајќи на новинарско прашање, тој нагласи дека е отворен за изборен процес, но единствено во услови на безбедност.
„За време на војна не можете да организирате избори“, рече Зеленски, додавајќи дека за тоа би било потребно примирје. Според него, тоа би требало да опфати копно, море и воздушен простор за да се овозможи „демократски“ и „законит“ изборен процес.
На ова реагираше американскиот претседател Доналд Трамп со саркастична забелешка: „Значи, велите дека за време на војна не може да има избори? Па ако за три и пол години ние случајно бидеме во војна со некого – значи нема да има избори?“
Зеленски се насмевна, а и Трамп возврати со насмевка додека еден на друг си упаѓаа во збор. Украинскиот претседател му возврати: „Ви се допаѓа таа идеја?“
Коментарот на Трамп индиректно се однесува на следниот американски изборен циклус, во кој според важечките закони тој не би можел повторно да учествува како кандидат.