
(Видеи) „Пет месеци празнина во срцето“ – во Кочани се одржа 18. „Марш на ангелите“
„Денес се навршија пет месеци од најтешкиот ден во нашите животи. Пет месеци празнина во срцето, пет месеци во кои секој здив е потежок од претходниот. Пет месеци без насмевките, без гласот и без прегратките на нашите најмили. Во овие месеци болката не стивнува“, изјави Розета Џамова, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов.
Спомените се единствената сила што нè држи исправени. Оваа порака беше испратена на денешниот 18. „Марш на ангелите“ што се одржа во Кочани во чест на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Воедно, денеска се навршуваат пет месеци од трагедијата која присутните ја опишаа како најтешкиот ден во нивните животи.
„Денес се навршија пет месеци од најтешкиот ден во нашите животи. Пет месеци празнина во срцето, пет месеци во кои секој здив е потежок од претходниот. Пет месеци без насмевките, без гласот и без прегратките на нашите најмили. Во овие месеци болката не стивнува. Секоја мисла води кон нив, секој миг е обоен со тагата по изгубеното. Спомените се единствената сила што не држи исправени. Мостот меѓу вчера и денес. Меѓу присуството и тишината. Љубовта што ја оставија зад себе е вечна и никогаш нема да згасне. Таа љубов е нашиот патоказ, нашата светлина во темнината и доказ дека тие живеат во нас засекогаш“, рече Розета Џамова, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов.
Маршот почна во 18:05 часот од пред Паркот на револуцијата и помина покрај судот и обвинителството. На видеата што ги објави „Радио Кочани“ се гледа дека роднините на загинатите застанале и кај трговскиот центар, пред некогашното кафуле „Класик“.
„Колку животи треба да згаснат за вие да се разбурите“, „Моето дете не умре, беше убиено од систем кој не штити, туку убива“, „62 животи – 62 иднини, 62 семејства со вечна болка“, „Правда и одговорност – нема мир без тоа“. Ова беа само дел од пораките на транспарентите што ги носеа роднините.
Доколку нема правда ќе поставиме шатори пред Судот и Полицијата