Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Дојче Веле“ аргументира зошто партијата спроведува активна блокада во Парламентот и зошто е одбран 18. јуни како датум за најавениот протест.
„Ќе бев посреќен доколку Ковачевски прифатеше дијалог со опозицијата, ако покажеше подготвеност за разговор за решенија кои му ги понудивме преку тимовите во 4 клучни области, и ако сето тоа да го проверевме пред граѓаните на избори. Неговото одбивање предизвика реакција преточена во активна блокада, засилена со голем граѓански протест, каде ќе порачаме дека премногу е од сѐ што досега видовме од оваа власт, дека молкот не е опција и дека ие време за промени кои ќе донесат иднина. Не сум човек кој импровизира и сум човек кој сака да биде точен. Не сум човек кој прибегнува кон радикални методи, но понекогаш заострувањето на делувањето е нужност, кога власта има целосно отсуство на разум. Одбран е 18-ти јуни како датум кој треба да биде меѓник помеѓу првиот и вториот дел од нашите активности, кои ќе бидат континуирани во текот на летото. Ние тргнавме во рушење на оваа власт затоа што изборите се решение на проблемите кои стануваат преголеми и сеприсутни“ вели меѓудругото Мицкоски.
Тој се воздражува од прогнози за македонско-бугарскиот спор и евентуалното тргање на ветото од страна на источниот сосед.
„Ќе се воздржам од какви било прогнози за исходот од разговорите, но сакам да апелирам на висока свесност и спречување на нова национална катастрофа за Македонија. Зрела држава мора да побара од Бугарија писмени гаранции за идентитетот, јазикот, но и обврска дека Бугарија нема да нѐ блокира во понатамошниот пат на Македонија кон Европската Унија. Жалам, искрено жалам, што отсуствува мудрост од македонска страна“ рече Мицкоски за „ДВ“.