Случувањата на Блискиот Исток и во Украина во фокусот на телефонскиот разговор Мицотакис – Рубио

Одделни телефонски разговори со американскиот државен секретар Марко Рубио и со претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас имал грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во текот на вчерашниот ден, јави дописничката на МИА од Атина.

Одделни телефонски разговори со американскиот државен секретар Марко Рубио и со претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас имал грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во текот на вчерашниот ден, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, за време на разговорот со Рубио станало збор за „одличното ниво на грчко-американските односи, факт што е зајакнат со развојот на американските инвестиции во Грција“, а била изразена и заемна волја за дополнително зајакнување и на билатерално и на мултилатерално ниво, преку формациите како што е 3+1 со учество на Кипар и Израел.

Дополнително размениле мислења и за ситуацијата во Либија, а биле разгледани и меѓународните случувања, особено на Блискиот Исток и Украина.

Во телефонскиот разговор со претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас, биле разгледани последните случувања во Газа и на Западниот Брег.

Грчкиот премиер, како што информираа од неговиот кабинет, изразил длабока загриженост за хуманитарната катастрофа во Газа и нагласил дека секое проширување на непријателствата е неприфатливо.

Го пренел ставот на Грција за потребата од непречен проток на хуманитарна помош, итен прекин на огнот и безусловно ослободување на сите заложници, а ја нагласил и потребата од одново започнување на политичкиот процес насочен кон решение на две држави, кои ќе коегзистираат мирно и безбедно.

Мицотакис, дополнително ја повторил поддршката на Грција за Палестинската самоуправа, како единствен легитимен претставник на палестинскиот народ, како и подготвеноста на земјата да преземе понатамошни хуманитарни иницијативи.