СДСМ ја обвинува министерката Димитриеска Кочоска за партиска злоупотреба на институцијата

Од партијата прашуваат дали и другите кандидати за градоначалници ќе бидат примени во Министерството, или пак оваа услуга е резервирана само за членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска објави дека во нејзиниот кабинет имала, како што рече, пријателска и конструктивна средба со Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош и со пратеникот Тони Јаревски, попладнево од опозициската СДСМ ја обвинија дека го злоупотребува Министерството за финансии за партиски цели, тврдејќи дека го претворила во „штаб на ВМРО-ДПМНЕ“.

Во соопштението за јавност, СДСМ наведува дека министерката во текот на работното време, во својот кабинет, примила и промовирала кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ. Тие посочуваат дека Димитриеска Кочоска самата се пофалила со ова на социјалните мрежи, третирајќи го како дел од нејзините работни обврски.

„Наместо да се справува со инфлацијата, дефицитот и економскиот хаос кој го создава нејзината Влада, Димитриеска Кочоска води кампања за ВМРО-ДПМНЕ, од државна функција, со државна плата и во државни простории“, се вели во соопштението.

СДСМ смета дека „мешањето на партијата и институциите беше и останува заштитен знак на Владата на Мицкоски“.

„Министерството за финансии, кое треба да биде симбол на одговорност и неутралност, станува алатка за партиски цели и кампањи“, додаваат од СДСМ.

Од партијата прашуваат дали и другите кандидати за градоначалници ќе бидат примени во Министерството, или пак оваа услуга е резервирана само за членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ ја осудуваат постапката и упатуваат повик до надлежните институции да реагираат.

СДСМ во соопштението предупредува дека ВМРО-ДПМНЕ „ја партизира секоја институција до која ќе дојде, по секоја цена и без срам“.