Синоќа заседаваше Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а членовите констатирале дека активната блокада на штетните политики во Собранието овозможиле да излезе на виделина политичкиот пристап на власта.
Отсуството на демократски капацитет на Владата се гледа со секој изминат ден, порачаа од партијата.
Тимчо Муцунски ги презентираше пред јавноста заклучоците од ИК на партијата:
1.Поминавме преку исклучително тешка здравствена криза, во која за жал одговорот на истата беше ненавремен, и неефикасен, со голем број на изгубени човечки животи на нашите граѓани. Истовремено владините мерки за помош на приватниот бизнис сектор и загрозените категории на граѓани беа нецелосни и доведоа до уништување на голем број компании.
2.Не беа понудени навремени и кредибилни активности и мерки за соочување со енергетската криза, а за која постоеше кредибилни информации дека е повеќе од евидентна.
3.Владата не покажа адекватна способност за соочување со економската и финансиската криза, придружена со постојан пораст на цените и висок процент на инфлација кои удрија со максимален интензитет и целосно го соборија стандардот на граѓаните и ги зголемија трошоците на работење на компаниите.
4.Јавниот долг на државата се зголеми енормно.
5.Странските инвестиции се на исклучително ниско ниво.
6.Користењето на средствата за капитални инвестиции се на многу ниско ниво.
7.Неефикасната и неодговорна дипломатија не ги исполни дадените ветувања за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ.
8.Функционирањето на правосудниот систем и понатаму е тема на загриженост од страна на меѓународните фактори од каде ни се упатуваат кредибилни забелешки.
9.Реформите на нефункционалната и дополнително партизирана администрација се во целосен застој.
10.Нетранспарентноста и високиот степен на корупција се уште претставуваат суштинска пречка за враќање на изгубената доверба на граѓаните во институциите на државата и политичарите.
11.За Инцидентите со автобуската несреќа кај Ласкарци, изгорената монтажна болница во Тетово и автобуската несреќа во Бугарија се уште нема никаков вид на одговорност.
„Заеднички се согласивме околу неопходноста за организирање на голем народен протест кој ќе се одржи на 18-ти јуни. Извршниот Комитет одлучи во наредниот период да продолжи активната блокада во Собранието на Република Македонија. А, воедно ја оставаме отворена вратата и за дополнителни чекори во периодот што следи.
Подаваме рака и испраќаме порака за обединување на обесправените, сиромашните, стопанствениците, просветните работници, докторите, професорите, земјоделците. Напатениот народ на Македонија.
Молкот не е опција! Протест за промени и подобар живот!
РЕМНОГУ Е! ОВА Е ПРОТЕСТ ЗА ПРОМЕНИ!“ порача Муцунски.