Мојаноски: Автокефалноста на МПЦ-ОА е вратена во пазувите на СПЦ

Српскиот синод со двосмислени ставови – врaќање на МПЦ во канонското единство со СПЦ, но дијалогот за конечниот статус на македонските епархии допрва претстои.

Црковниот врв на МПЦ ќе треба час поскоро да објасни дали е ова резултат на мајските средби на Поглaварот Стефан со црковниот врв на СПЦ?

За Трилинг пишува проф. Цане Мојаноски:

Одлуката на Саборот на Српската православна црква дека „се воспоставува полно литургиско и канонско општење“ може да се набљудува како решение кое создава основа за добивање автокефален статус за МПЦ Охридска архиепископија, но и отвора многу недоумици и непознаници.

Прашањето на автокефалниот статус добива, или поточно може да добие нов заплет, чие решение тешко може да се предвиди. Тоа, нужно, го зголемува скептицизмот и ја изострува реториката и дијалогот. Но, прашање е дали, пред нас ги имаме сите информации? Дали и колку општите формулации и фрази ќе значат нов почеток, или почеток без крај? Во таа насока, можни се повеќе идеи и нагаѓања. Да оставиме тој процес да се отвори, да ги слушнеме и другите клучни играчи, посебно Вселенската патријаршија и да градиме погледи и очекувања.

Ако се анализира ставот на СПЦ „дијалогот за идниот и евентуално конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку е и целосходен, легитимен и реален“. Овде дилемата е дека тој временски е неограничен. Тој колку што е можен, во услови какви што ги имавме со СПЦ, толку е и неможен. Овде може да се укаже дека тој став придонесува да се зголемува скептицизмот и недовербата, да се губи вербата во дијалогот и „братската љубов и дијалог“.

Но, нашето политичко искуство како држава покажува дека ниту едно прашање, па ниту ова црковното, не се решава едноставно и добронамерно. Позади секое од отворените прашања постојат бројни фортификациски препреки, бројни световни интереси, кои настанале во друго време, но и денес се актуелни, а одделни субјекти сметаат дека сега им е времето истите да се остварат. Нам ни останува да се надеваме дека владеењето на принципите и почитувањето на нормите се вредности чии плодови можеме да ги уживаме. Нашето искуство, најчесто го зборува спротивното. Човечки е да се надеваме и да посакуваме поволен исход.

Во последното соопштение на СПЦ збунува двосмислените ставови. На пример, ставот „го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност, доделен уште во 1959 година“. Дали тоа значи враќање назад за 63 години? Дали, ако МПЦ-ОА не се согласела со Одлука од 1959 година, ќе имало основи да се воспостави „полно литургиско и канонско општење“? Дали, во нијансирањето на ваквите одлуки се користени искуствата од милениумското искуство на Вселенската патријаршија во решавањето на споровите, посебно на црковните епархии кои биле прогласувани за неканонски?

Непобитно е дека ние со радост и олеснување, со ентузијазам и добра мисла ја прифативме одлуката на Вселенскиот Патријарх, за симнувањето на неканонскиот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и враќањето на Охридската архиепископија во канонскиот поредок. Ако ја набљудуваме Одлуката на Саборот на СПЦ, тогаш, таа, на прв поглед, значи неколку чекори назад.

Но, што ако МПЦ–ОА одбиеше да трага по решение надвор од СПЦ? Кои ќе се можните исходи? За одговор на овие отворени прашања постојат бројни дилеми и непознаници за кои тешко може сите до крај да се препознаат и коментираат. Но, едно е централно, а тоа дека преку црковните дијалози силно се испреплетени световните интереси, кои на јавна сцена се судрени како концепти на Константинополската и Московската патријаршија. Тоа можеме да го согледаме во ставот дека Вселенскиот Патријарх кога зборува за исклучување на именката „Македонија“ и придавките „македонски“, „македонска“, а во ставот на СПЦ  кога вели: „Саборот нема намера по решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со ограничувачки клаузули во поглед на опсегот на нејзината јуриздикција во матичната држава и во дијаспората, со препорака истото прашање за своето официјално име го решава во непосреден братски дијалог со гркофонските и останатите помесни цркви“.

Но, дали има излез од ваквата ситуација? Тоа што јавноста кај нас очекуваше да го слушне и види во Одлуката на Саборот на СПЦ, сепак не се случи, односно, тој не констатира дека епархиите во Македонија од 1991 година политички се омеѓиле во самостојна Црква и бара од Вселенскиот Патријарх да издаде Томос за новоформираната црква. Како што Српската држава не може да ги решава и да донесува одлуки за македонските граѓани, затоа што постои македонската држава, така и СПЦ, нема право да ги уредува прашањата со живот на православните верници во Македонија.

Очекувам дека по оваа Одлука ќе се интензивираат контактите со Вселенската Патријаршија и нашата црковна ерархија непосредно ќе општи со Патријархот г.г. Вартоломеј, дека низ дијалогот со него, но и со СПЦ ќе се изнајде, согласно милениумската православна традиција искуство и решение со кои ќе бидат задоволени и очекувањата на македонските верници, на нивната Македонска православна црква – Охридска архиепископија, но и на Српската православна црква како помесна црква која пред новонастанатата политичка состојба вршела црковна јурисдикција на ова подрачје.

Се надевам дека сите преземени чекори од македонската страна, се во согласност со изразената желба да и се помогне на Македонската православна црква – Охридска архиепископија да ја оствари својата цел, да добие автокефален статус, дека на определени нивоа се извршени комуникации и взаемно информирање и дека преземените чекори имаат тактички, а не стратегиски карактер.

Треба да очекуваме во дијалогот и иницијативата која треба да ја преземе Вселенскиот патријарх нема да се создаваат основи за разгорување на емотивни и националистички страсти и дека нема односите меѓу православните верници во земјите да се трујат со политички содржини и атавизми, дека ќе јакне доброљубието и подготвеноста да се градат односи засновани на дијалог и почитување.