
ДУИ: Коридорот 8 го носи нашиот потпис, иронија е тие што го саботираа сега да ги присвојуваат заслугите
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако викендов во употреба беа пуштени 20 километри од автопатот Кичево-Охрид, кој е дел од Коридорот 8, а од Владата најавија и засилена работа на останатите патни делници од овој Коридор.
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) вели дека го поздравува ентузијазмот со кој актуелната Влада го промовира реализирањето на стратешките проекти во земјата, како Коридорот 8, но додава дека не може а да не посочи на иронијата дека „тие што некогаш го саботираа и стигматизираа“ овој проект денес се обидуваат да ги присвојат заслугите за иницијативата тој да стане реалност.
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако викендов во употреба беа пуштени 20 километри од автопатот Кичево-Охрид, кој е дел од Коридорот 8, а од Владата најавија и засилена работа на останатите патни делници од овој Коридор.
Премиерот Христијан Мицкоски на пуштањето на делницата рече дека како влада успеале да го откочат најголемиот и најзаглавениот инфраструктурен проект во земјава по само една година, а вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кажа дека овој автопат бил симбол за, како што кажа, неспособноста на минатата влада на СДСМ и ДУИ.
„Ова беше заборавен и напуштен проект на кој немаше работници, инженери, ниту машини, и ова е проект кој е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа влада и тоа е клучната разлика помеѓу нас и нашите политички опоненти“, рече Николоски на пуштање на делницата од селото Врбјани кон Охрид, со исклучок кај селото Ботун на автопатот Кичево-Охрид кој го гради кинеската компанија „Синохидро“.
Од друга страна од ДУИ досега во повеќе наврати посочуваа дека актуелната Влада се фали и продолжува со реализација на другите делници од Коридорот 8 што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка “, а кои претходно ги блокираше.
„Граѓаните не забораваат дека Коридорот 8 е резултат на силна политичка битка, во која ДУИ секогаш беше на страната на развојот и интеграцијата. Оние што денес го нарекуваат ‘историски проект’, се истите што порано го нарекоа ‘проект со епски криминал’, го отфрлаа со жестина и го попречуваа со сите средства. Една од првите одлуки на оваа влада – без етнички легитимитет – беше токму укинувањето на изградбата на тунелот меѓу Гостивар и Кичево, а потоа и блокирањето на теренските работи со месеци“, се вели во денешната реакција од ДУИ.
Од Мала Речица велат оти вистината е дека овој проект „го носи потписот на ДУИ, во смисла на визија, одлука и политичка инвестиција.
„Коридорот 8 е проект на ДУИ. Тоа е инвестиција на ДУИ во европската иднина на оваа земја и составен дел од нашата визија за интеграција и рамномерен развој. Им посакуваме успех на сите институции и чинители вклучени во финализирањето на овој проект, затоа што за нас најважно е тој да се реализира – за граѓаните, за економскиот развој, за регионалното поврзување и за зајакнување на мултиетничката држава. Но едно е јасно, без посветеноста, храброста и решителноста на Демократската унија за интеграција, Коридорот 8 ќе останеше само идеја на хартија – како што беше цели 30 години“, порачуваат од ДУИ.