Бујар Османи – македонскиот министер за надворешни работи учествуваше на првата седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан. Тој порача дека на Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот.
За првпат денеска шесте министри за надворешни работи од земјите на Западен Балкан беа поканети да бидат дел од редовниот формален Совет за надворешни на министрите на ЕУ. Тема на средбата беше војната во Украина, нејзините последици и влијанието на Русија во регионот.
Министерот Османи, за државната МИА изјавил дека пред неговите колеги од ЕУ предупредил на економските и политичките последици од овој конфликт во регионот, како и потребата да се спаси кредибилитетот на ЕУ токму во овој момент, со тоа што ќе се деблокира процесот на преговори со Северна Македонија.
За македонската страна на потег е Бугарија, Северна Македонија исполни сѐ што беше побарано од неа.
„Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Република Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот“ – изјави
Тој за агенцијата потенцираше дека во овој момент нема договор меѓу двете страни којшто може да биде основа за потпишување на некаков договор, туку дека се разгледуваат начини да се вклопат различните пристапи во сеопфатно решение.