Трамп до Вучиќ: За Србија царини од 35 отсто

Српските компании можат да избегнат дополнителни царински давачки со преместување на производството во САД. Трамп нагласува дека целта на овие мерки е подобрување и балансирање на трговските односи меѓу САД и Србија.

Американскиот претседател Доналд Трамп во писмо го информираше српскиот претседател Александар Вучиќ дека почнувајќи од 1 август, САД ќе воведат дополнителни царински давачки за увоз на стоки од Србија во износ од 35 проценти.

Трамп го објави писмото што му го упати на Вучиќ и лидерите на другите земји на својата социјална мрежа Truth Social.

На почетокот, американскиот претседател изјави дека за него е „голема чест“ да испрати писмо што ја покажува посветеноста на трговските односи меѓу САД и Србија и фактот дека САД се согласиле да продолжат да соработуваат со Србија и покрај „значајниот трговски дефицит“ на двете земји.

Тој, исто така, рече дека нема да има царински давачки доколку Србија или српските компании одлучат да произведуваат во САД и нагласи дека ќе има „зголемување на царините“ доколку Белград одлучи да возврати со воведување дополнителни царини за увоз од САД.

Американскиот претседател најави царини од 25 проценти за Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Казахстан, 30 проценти за Јужна Африка, 32 проценти за Индонезија, 35 проценти за Бангладеш, 36 проценти за Камбоџа и Тајланд и 40 проценти за Лаос и Мјанмар. Трамп, исто така, ја информираше Жељка Цвијановиќ, која е претседател на Претседателството на БиХ, дека царинската давачка за увоз на стоки од таа земја ќе биде 30 проценти.

На почетокот на април, кога Трамп за прв пат го покрена прашањето за царините, Србија беше меѓу земјите кои беа погодени од една од највисоките стапки – дури 37 проценти.