Лекарите препорачуваат: Избегнувајте престој на сонце до 17 часот

Избегнување престој на сонце од 11 до 17 часот, носење лесна, широка облека во светли бои, капа со широк обод и очила за сонце, како и престојување во климатизирани простории кога е можно, се само некои од препораките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по најавите за порастот на температурите во земјава.

Препораките се однесуваат на сите граѓани, особено на најранливите категории – постари лица над 60 години, деца, бремени жени, хронично болни, лица со прекумерна тежина, оние со ментални нарушувања и граѓани кои се подложени на специфични терапии.

ИЈЗ предупредува дека ризикот од здравствени компликации е најголем кај оние кои работат или престојуваат на отворено во текот на најжешките делови од денот.

„Ако морате да бидете надвор, одморајте често во сенка и избегнувајте директна изложеност на сонце, пијте доволно течности – вода, пред сè – и не чекајте да се појави жед, никогаш не оставајте луѓе или животни во паркирани возила, дури ни за кратко, туширајте се со млака вода или ставете ладни облоги на телото, лицата со хронични болести строго да ги следат препораките и редовно да ја земаат терапијата, по консултација со матичен лекар, препорачува Институтот.

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Како што соопшти УХМР, минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната од 30 до 38 степени.

Во Скопје сончево и многу топло, а максималната ќе достигне до 38 степени.