
Најмалку три лица загинаа, а десет се повредени во синоќешниот руски напад врз Киев. Главниот град на Украина втора ноќ по ред е цел на напади, соопшти воената управа на главниот град на Украина.
– Повеќе од десет непријателски дронови се во воздушниот простор на главниот град. Се приближуваат нови. Непријателот најверојатно ќе користи голем број дронови и ракети од стратешки авиони, изјави утрово началникот на киевската воена управа, Тимур Ткаченко.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека експлозиите одекнале низ целиот град.
– Воздушната одбрана е активна. Главниот град е нападнат од непријателски беспилотни летала, истакна Кличко.
Киев е нападнат по вчерашната размена на воени заробеници со Русија. Последната фаза од размената е планирана за денеска, при што треба да бидат разменети вкупно илјада заробеници. Вчера 307 руски воени заробеници беа разменети за ист број украински војници.