Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција изјави дека имаат мнозинство во Парламентот и очекува тоа дополнително да се зголеми.
„Мнозинство има, тоа можам да го потврдам, очекуваме со овие разговори ова мнозинство да се зголеми дополнително и да биде стабилно за да може во наредните месеци и години да се продолжи со овие сериозни активности на Владата“ рече Османи
Османи напомена дека периодот што следува е исклучително важен за стратешките правци на државата. Османи смеат дека секоја дестабилизација на Владата во овој период може дополнително да влијае негативно на постигнување на тие цели.
„Мислам дека никој во државата не сака да се впери прст кон државата како причина за нерешавање на одредени прашања или, пак, незапочнување на преговорите со Европската Унија, бидејќи не бевме досега така. И покрај тоа што бевме предизвикани на сите можни начини, и внатре, и надвор, не дозволивме државата да биде дел од проблемот, туку да биде проактивната страна која се обидува да најде решение“ – истакна Османи.
Во врска со семејствата на загинатите во страшната автобуска незгода во Бугарија рече дека ќе контактира со нив.
„Денеска планирам да контактирам со семејствата бидејќи сакам да знам кои се нивните очекувања по однос на пренесувањето на телата и процедурите понатаму, за да можеме да го направиме овој акциски план. Беше најавено една недела од случувањето на несреќата, меѓутоа има различни проекции, дека може да биде еден ден потоа, до крајот на неделата. Така што, не можеме точно да знаеме бидејќи сето тоа ќе зависи како во лабораторија ќе се одвива процесот на идентификација преку ДНК материјалите“ – изјави Османи.