Синдикатите во Србија го одбележуваат Први мај со студентите на протест и пред Владата

По повод Меѓународниот ден на трудот, синдикатите во Србија организираат собири во Белград на кои ќе ги објават своите барања за измени во трудовото законодавство, а потоа ќе учествуваат на првомајскиот протест на студентите пред зградата на Владата на Србија.

По повод Меѓународниот ден на трудот, синдикатите во Србија организираат собири во Белград на кои ќе ги објават своите барања за измени во трудовото законодавство, а потоа ќе учествуваат на првомајскиот протест на студентите пред зградата на Владата на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Студентскиот протест почнува во 14 часот, а на нив ќе им се придружат Сојузот на независни синдикати на Србија, Обединетиот грански синдикат „Независност“, Здружението на слободни и независни синдикати (АСНС), Обединетите синдикати на Србија „Слога“ и Конфедерацијата на слободни синдикати.

На синдикалните собири ќе присуствуваат и студенти, кои заедно со членовите на синдикати ќе одбележат шест месеци од трагедијата, предизвикана од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, со 16-минутен молк.

Најавено е дека на протестот пред Владата на Србија ќе присуствуваат синдикалци од Белград, Нови Сад, Ниш, Крагуевац и други градови.

На тој собир ќе се емитува „Слободен дневник“ подготвен од група новинари од Радио-телевизија Војводина, а ќе се одржи и концерт на отворено на детски рок хор.