
(Видео) Директорката на УЈП Петрова: Има сериозни случаи на даночно затајување
🔴 Во случајот со трагедијата во дискотека „Пулс“, директорката на УЈП Петрова вели дека не се работи за еден објект, туку се работи за два објекти поврзани со истите сопственици каде што вршени се контроли на УЈП и изрекувани се казни, меѓу кои и забраната за вршење на дејност, запечатување, која е мерка со привремено важење. Но не сака да изнесува информации кој е тој објект кон којшто била изречена таа мерка со запечатување и во кој период. 👉 Според неа, постојат голем број на системски пропусти кои преку овој случај излегоа на површина. Петрова вели дека УЈП ја има доставено целокупната документација до истражните органи МВР, Обвинителството и Финансовата полицијата. 👉 Од вкупен долг 180 милиони евра, 120 милиони евра е долг на околу 100 топ должници. Ако одиме подлабоко во овие топ 100 должници и нивниот долг, ќе дојдеме до тоа дека помалку од 10 од тие должници имаат долг којшто пораснал или настанал во текот на 2024 и 2025 година како резултат на наоди од даночните контроли на УЈП. Значи тоа се даноци коишто УЈП ги открила во инспекциски контроли. Станува збор за помалку од 10 правни лица и во рамките на тие бројки нивниот долг изнесува околу 3,2 милијарди денари или нешто над 50 милиони евра и тука се работи за сериозни дела на даночно затајување за кои што се водат постапки пред истражните органи.
„Трагедијата во Кочани е удар врз целото наше општество, бидејќи на површина излегоа состојби поврзани со спроведување или неспроведување на закони, институционални овластувања, чувството за јавен интерес, вредностите. Овој настан треба да претставува една пресвртница во функционирањето на нашиот систем.
-За тоа што можела или што требала да направи УЈП, конкретно во делот на запечатувањето (пломбирањето) како мерка што се изрекува при контролите за фискализација, се е точно пропишани во законите. Бидејќи истрагата е во тек, ние како УЈП се оградуваме од тоа да даваме информации во јавноста што е направено во конкретниов случај, но целосно соработуваме со сите истражни органи. Се што е побарано како информација и доказ, од страна на УЈП е доставено до сите органи, до ЈО, до МВР, до Финансиска полиција. Значи сите органи ќе можат да ги направат потребните проверки во делот на постапувањето на УЈП, изјави за магазинот „Трилинг“, директорката на УЈП, Елена Петрова, на прашањето како и кој дозволи да работи дискотеката „Пулс“ и покрај пломбирањето од УЈП и ако системот не функционирал дали тука се препознава и самото УЈП како институција.
На прашањето поврзано со Законот, каде според член 117 од Законот за стечај, пишува дека „ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имототи зошто ова не е сторено, Петрова вели дека процедурата за постапување на УЈП првенствено е регулирана во Законот за даночна постапка како lex specialis и од таму произлегуваат сите законски овластувања и ограничувања што може и што треба да прави УЈП.
-Во случај кога не се платени даноците, не се исплатени придонесите како дел од бруто платите, УЈП пристапува кон присилна наплата со блокирање на сметки, со воспоставување на залог и хипотека на имот, со запленување и продажба на имот, а имаме дури и овластувања и тие ги применуваме кои се однесуваат на преземање на дејствија за присилна наплата од целокупниот имот, приходи и побарувања и на основачите и управителите на фирмите кои должат. Во тие рамки се движат овластувањата на УЈП и во тие рамки УЈП ги презема сите мерки кон било кој даночен должник, а тоа што е конкретно преземено или не е преземено од страна на УЈП во овој случај, како што реков, целокупната документација и информации се доставени до истражните органи.

За тоа дали чувствува одговорност за оваа трагедија и ако бил објектот пломбиран кој подоцна дозволил да продолжи да работи, Петрова вели дека во случајот не се работи за еден објект, туку се работи за два објекти поврзани со истите сопственици каде што вршени се контроли на УЈП и изрекувани се казни, меѓу кои и забраната за вршење на дејност, запечатување, која е мерка со привремено важење. Значи привремена забрана за вршење на дејност преку запечатување на деловна просторија кое запечатување трае одреден временски период. Но не сакам да навлегувам, да изнесувам информации кој е тој објект кон којшто била изречена таа мерка со запечатување и во кој период, вели Петрова.
Говорејќи за податокот дека фирмата „ММММ Кафе Доел Кочани“ каде е регистрирана и дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка“, Петрова вели дека блокадата е поставена од УЈП како мерка за присилна наплата заради неисплатени плати.
„Ние сме ја поставиле таа мерка за присилна наплата. Од УЈП дошла таа блокада и сигурно дека знаеме, но како што реков, Законот освен блокада, ни дава овластувања за преземање и на други мерки за присилна наплата. Во рамки на Законот за даночна постапка постапувано е, преземани се мерки и се што е преземено или не е, ќе си утврдат истражните органи“, вели Петрова и додава дека сите граѓани на нашата земја и сите институции, на некој начин не само преку сегашното, туку и преку минатото постапување „се изложени на чувство на тоа дека постојат голем број на системски пропусти кои преку овој случај излегоа на површина“.

Околу црната листа на УЈП, каде компании и физички лица должат кон државата и како е возможно речиси истите должници, станува збор за околу 5,000, во континуитет да должат кон државата и зошто ова се толерира, Петрова вели дека во последниов период на листата на должници се појавуваат околу 1,900 фирми, секоја од нив должи над 300,000 денари и околу 3,900 физички лица, од кои секој должи над 120,000 денари, а вкупниот долг е околу 11,000,000,000 денари или околу 180 милиони евра.
„Ако ги погледнеме овие статистики, овие листи, ќе дојдеме до податок дека околу 60% од овој долг припаѓа кон одредена мала група на должници. Значи топ 100 должници. Од вкупен долг 180 милиони евра, 120 милиони евра е долг на околу 100 топ должници. Ако одиме подлабоко во овие топ 100 должници и нивниот долг, ќе дојдеме до тоа дека помалку од 10 од тие должници имаат долг којшто пораснал или настанал во текот на 2024 и 2025 година како резултат на наоди од даночните контроли на УЈП. Значи тоа се даноци коишто УЈП ги открила во инспекциски контроли. Станува збор за помалку од 10 правни лица и во рамките на тие бројки нивниот долг изнесува околу 3,2 милијарди денари или нешто над 50 милиони евра и тука се работи за сериозни дела на даночно затајување за кои што се водат постапки пред истражните органи. Факт е дека и меѓу овие топ 100 и генерално на листата има поголема бројка на должници кои се повторуваат со години. И тука разумно се постапува прашањето што можела, што требала да направи УЈП, дали постои некакво затајување во постапките, а дали можеби и самите должници свесно преземале некои дејствија за да не го платат долгот. Особено ова ќе го поврзам со фактот дека од тие должници што со години се јавуваат на листата, голем број или во најголем број се должници коишто се мртви на хартија, вели директорката на УЈП Елена Петрова.
Говорејќи за Солидарниот данок, кој падна на Уставен суд и кога државата ќе им ги врати средствата на 156 компании (станува збор за износ од околу 50 милиони евра), Петрова вели дека Министерството за финансии ќе ја утврди процедурата за спроведување на одлуката на Уставен.
„Колку што знам според одлуката рокот за враќање на тие средства е пет години. Значи во тој законски рок согласно одлуката на Уставниот суд, Министерството за финансии ќе ја утврди процедурата за враќање на тие средства“.
Околу податокот дека државата должи околу 70 милиони евра за поврат на ДДВ на бизнисот и зошто досега не е вратен, односно зошто доцни, Петрова вели дека не може да се сложи со оваа констатација.
„Повратот на ДДВ е една континуирана материја. Секој месец даночните обврзници поднесуваат даночни пријави, искажуваат даночни побарувања. Во континуитет УЈП преку Министерството за финансии реализира исплати на поврат на ДДВ“, вели Петрова.
Целото интервју со директорката на УЈП, Елена Петрова погледнете го во видеото.