ЕК го стави под лупа именувањето на Петар Богојески

Европската комисија (ЕК) бара да разговара со министерката за образование Весна Јаневска за именувањето на лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески, за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија – „Еразмус+“.

Европската комисија (ЕК) бара да разговара со министерката за образование Весна Јаневска за именувањето на лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески, за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија – „Еразмус+“.

Од Европската комисија ова го навеле во одговор на прашање од порталот „Портлаб“, откако во јавноста се појавија низа реакција во врска со назначувањето на Богојески, а кои главно се однесуваат на неговите ставови искажани за повеќе општествени и политички прашања. Оттаму велат дека Комисијата не била вклучена во селекцијата и номинацијата и оти сè уште не е официјално известени за назначувањето на Богојески.

„Европската комисија ги забележа медиумските извештаи во врска со назначувањето на  Петар Богојески за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија. Оваа агенција, назначена од Министерството за образование и наука, е одговорна за спроведување на програмите ‘Еразмус +’ и Европскиот корпус за солидарност под индиректно управување во Северна Македонија. Комисијата не беше вклучена во процесот на селекција и номинација на г. Богојески и сè уште не е официјално информирана за тоа“, велат од ЕК.

Оттаму наведуваат дека ја забележале, како што велат, значајната загриженост во врска со некои негови претходни јавни активности и изјави.

„Со оглед на тоа што очекуваме директорот на Националната агенција што раководи со клучната програма на ЕУ да ги поддржува основните вредности на ЕУ, кои вклучуваат почитување на човековото достоинство и права, слобода, демократија, еднаквост и владеење на правото, бараме да разговараме за ова прашање со министерот за образование“, велат од ЕК за „Порталб“.

Петар Богојески, лидерот на партијата Македонски концепт, коалициски партнер во власта, за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност беше назначен минатата недела. Тој доаѓа на местото на местото на Марко Ѓоргиевски, кој како в.д. директор ја водеше оваа институција од 2020 година, а функцијата треба да ја преземе од 15 мај.Неговото назначување веднаш наиде на реакции од опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ) и крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села.

Од ДУИ рекоа дека давањето доверба за европските фондови за управува човек кој не само што упатувал навредливи пораки до Албанците, туку и до самата Европска Унија и нејзините вредности, претставува понижување и за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ кои ги финансираат овие програми.Во оваа насока беше и реакцијата на Алијанса за Албанците на Села, од каде, меѓу другото наведоа дека именувањето на Богојески е во спротивност со моменталната европска ориентација на земјата.

Вчера реагираа и од невладината „Мрежа за заштита од дискриминација“ од каде побараа Владата да ја повлече одлуката за а именување на лидерот на партијата Македонски концепт, Петар Богојески, за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – „Еразмус+“.

Според невладината, Богојески преку неговите објави на социјалните мрежи употребил вознемирувачки говор, навреди, говор на омраза и/или поттикнување на дискриминација, нетолеранција и/или насилство кон припадници на речиси сите етнички заедници во земјава.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска минатата недела прашања за именувањето на Богојески рече оти не може да ја коментира работата на директор што е поставен на функцијата пред два дена. Рече дека доколку се појават проблеми во работата на директорот ќе бидат преземени мерки.

„Политичките партии имаат удел во функционирањето на Владата, но кога поставуваме функционери, ги поставуваме да бидат непартиски и да си ја вршат работата за која се поставени, да организираат и да спроведуваат закони и да работат најдобро што можат“, рече Јаневска.

Посочи дека токму поради реакциите во јавноста неговата работа ќе се следи.

„Доколку е сè во ред и тој е деполитизиран, ќе немаме проблем. Ако има некакви други проблеми, ќе се преземат мерки“, кажа таа.