„ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи промените во македонскиот Устав барани од Бугарија, бидејќи немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања меѓу двете земји“.
Ова денеска го изјави лидерот на партијата – Христијан Мицкоски.
Тој од Охрид порача дека смета оти преговорите со Европската Унија нема да почнат се додека не ја испочитуваме целокупната преговарачка рамка.
„Во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително интервенцијата во македонскиот Устав. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи за тоа се потребни две третини, токму поради тоа што немаме никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија и дека до самото членство на Македонија во рамките на ЕУ нема да имаме повеќе вакви барања од страна на политичарите кај нашиот источен сосед“ – рече Мицкоски.
Според него, само Европа може да направи нешто.
„Едно е јасно. Ако зависи од него и од Ковачевски и Петков, преговори нема да има. Ќе има во најдобар случај, меѓувладина конференција односно настан за камерите и за фотоапаратите без суштина, а преговори ќе има кога ќе бидат исполнети бугарските барања коишто Ковачевски и Османи сакаат да ги прифатат и да бидат дел од преговарачката рамка. ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да се согласи“ потенцираше Мицкоски.