Бислимоски: Минатата година цените на сите енергенси го достигнаа историскиот пик!
„Стабилност и сигурност во испораката на електрична и топлинската енергија беше обезбедена и во услови на голема енергетска криза која што започна во втората половина од 2021 година, а предлозите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за намалување на ДДВ и проширување на опфатот на ранливите категории кои добиваат финансиска помош за плаќање на сметките за електрична и топлинска енергија се реализира“.
Ова меѓудругото е посочено во Годишниот извештај за работа на РКЕ што беше усвоен од Собранието.
„Високите берзански цени на енергенсите минатата година неколку кратно се зголемија поради што после 12 години се створија предуслови да се активира во погон ладната резерва ТЕЦ Неготино, затоа што цената на произведената електрична енергија од ТЕЦ Неготино беше пониска од берзанската, што овозможи дел од потребната електрична енергија да се обезбеди од домашно производство наместо од увоз. Како една од мерките за справување со енергетската криза, се донесе одлука наместо задолжителните 70 отсто, ЕСМ да испорачува 100 отсто од потребната електрична енергија за домаќинствата по цена од 41 евро за мегават час во услови кога берзанската цена на електричната енергија достигнуваше до 450 евра за мегават час“ – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Бислимоски потенцираше дека минатата година цените на сите енергенси го достигнаа историскиот пик.
Природниот гас од 300 долари за нормален кубен метар достигна цена до 1.800 долари за нормален кубен метар. Електричната енергија постигна цена од фантастични 450 евра за мегават час за разлика од цените пред кризата кои достигнуваа од 55 до 65 евра за мегават час.
Кај нафтените деривати се регистрираше поскапување за околу 70 отсто на берзите во однос на крајот на 2020 година.
„Берзанските цени на овие енергенси и денес се околу четири пати повисоки од цените пред кризата и се очекува да се стабилизираат на одредено повисоко ниво во однос на нивото пред кризата. Поради свесноста кај сите потрошувачи дека енергенсите се зголемуваат, имаме нотирано значаен пораст на потрошувачи кои ги обезбедуваат дел од сопствените потреби за електрична енергија од инсталирани фотонапонски панели, а во исто време се регистрира и пораст на производители на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали“ – рече првиот човек на РКЕ.