Ангеловска-Бежоска: Корона кризата докажа дека банкарскиот сектор е отпорен на шокови!
„Новите закани коишто ги донесе корона-кризата докажаа дека банкарскиот сектор во регионот и кај нас е отпорен на шокови и има капацитет да им одговори на предизвиците коишто можат да произлезат од руско-украинскиот конфликт. За заштита на економиите и финансиските системи, важно е монетарната политика постепено да се враќа во нормална состојба“.
Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Десеттиот годишен состанок на гувернери и банкари од регионот, којшто се одржува во Ровињ, Хрватска.
Ангеловска-Бежоска посочи дека банките го одржаа кредитниот циклус во сложените услови на пандемијата, додека кредитирањето дополнително зајакна од почетокот на годинава.
„Кредитирањето се зголеми за 10 отсто во март, при што растот на кредитирањето на корпоративниот сектор го надмина растот кај домаќинствата. Нефункционалните кредити и натаму се на ниско ниво од 3,1 отсто во март, што е меѓу најниските во земјите од Западен Балкан и пошироко и воедно е подобро во однос на нивоата забележани пред пандемијата. Банките располагаат со доволно капитал, што е важна предност при справувањето со ризиците. Финансиската изложеност на нашата земја кон Русија и Украина е доста ниска и немаме присуство на руски и украински банки. Редовните стрес-тестови, исто така, покажуваат дека банкарскиот систем во целина е отпорен на евентуални шокови“ –рече гувернерката и додаде дека предизвиците со кои се соочи банкарскиот сектор кај нас дојдоа главно од шпекулациите за стабилноста на девизниот курс, коишто беа прилично изразени од почетокот на руско-украинската криза.
„Нивото на девизните резерви и натаму е солидно и може да ја гарантира стабилноста на девизниот курс. Покрај тоа, пристапот до специјалната репо-линија обезбедена од Европската централна банка е дополнителен заштитен механизам, којшто ја поддржува стабилноста на девизниот курс“ – посочи Ангеловска-Бежоска.