Мукаетов се повлекува по 12 успешни години, РФМ бира нов претседател

Ракометната Федерација на Македонија денеска точно на пладне ќе одржи Изборно Собрание на кое ќе биде именуван нов предводник на „куќата на ракометот“, со што ќе биде означен крајот на ерата на Живко Мукаетов како претседател на РФМ. Успешниот бизнисмен во последните 12 години беше на чело на РФМ, период што беше успешен од секој аспект од спортски и организациски аспект, кревајќи ги стандардите во работа и за наследникот што ќе биде именуван денеска, јавува спортскиот портал Екипа.

Огромен фаворит во оваа трка е Александар Стефанов, младиот бизнисмен кој долги години со своето семејство раководи со РК Бутел, а во последните неколку години беше и дел од Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија. Стефанов во изминатиот период имаше средби со претставници на клубовите и здруженијата кои се дел од Собранието, презентирајќи ја својата програма и добивајќи значителна поддршка.

Едно е сигурно, ерата што завршува со заминувањето на Мукаетов е и повеќе од успешна, со стабилни финансии, беспрекорна организација, развиен младински ракомет, завршена смена на генерации во сениорската репрезентација, а новиот претседател ќе има сериозен предизвик да продолжи по стапките на досегашното раководство.