
Обвинетиот Љупчо Палевски на денешното рочиште за убиството на Вања и Панче повторно побара изземање на тројца обвинители поради пристрасност и злоупотреба на јавнообвинителската служба.
Првообвинетиот за двојното убуство, бара изземање на обвинителките во предметот Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитриевска и шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски.
„Фалсификувале податоци, телефонска анализа со цел нивниот сведок Ерол Османи да може да лаже“, рече Палевски и на судот му приложи докази зошто го повторно барал изземање бидејќи како што кажа имало нова околност.
Тврди дека во критичното време, табелата од базните станици била празна, односно немало податоци каде се наоѓал Палевски на 22.11.2023 година кога беше убиен пензионерот од Велес, Панче Жежовски.
„Анализата е правена во мај 2024 година, но не предвиделе дека по мојата екстрадција, ќе го отклучам мојот телефон „ајфон 13“ за да биде вештачен, од Форензика, од кое вештачење ви го приложувам доказот број 5, а тоа е ‘екстрашен репорт’ комуникација со Зоран Китевски – во периодот во 12 часот кога според сведокот возам кон Бутел. Тука гледате пет пораки, линк за да се вклучи Зоран во поткаст кој се снима тоа време“, рече Палевски.
Ова не е првпат, Палевски да бара иззмеање на обвинителите. Претходните барања му беа одбиени.