СДСМ избира претседател на 16 март, најавува пакет решенија за подобар животен стандард

ЦО на седницата што се одржа попладнево избра нов состав на Централната изборна комисија и го усвои Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на партијата.

СДСМ ќе избира претседател на 16 март и ќе понуди пакет решенија за подобар животен стандард, одлучи партискиот Централен одбор (ЦО).

ЦО на седницата што се одржа попладнево избра нов состав на Централната изборна комисија и го усвои Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на партијата. Го одобри и планот за интензивни теренски активности кои ќе почнат овој месец, на средби со членовите и граѓаните ширум земјата. Паралелно, како што информира СДСМ, ќе течат и подготовките за локалните избори оваа година.

-Согласно Статутарните одредби, Централниот одбор донесе Одлука за распишување на директни внатрепартиски избори за избор на Претседател на СДСМ кои ќе се одржат на 16 март 2025 година. СДСМ е единствената партија во земјата во која членството бира претседател на дирекрни внатрепартиски избори што говори за  демократскиот капацитет и на партијата и на членовите, наведува СДСМ.

Централниот одбор оценил дека со погрешните политики на актуелната власт животниот стандард на граѓаните се влошува.

-Граѓаните имаат се помалку пари додека платите стагнираат. Власта покажува голема неспособност, нема одговор за покачувањето на цените, за осум месеци не понуди ниту една успешна економска мерка додека во здравството се случува хаос и недостаток на лекови, образованието уназадува и генерално земјата се движи во погрешна насока. СДСМ останува посветена на борбата за подобар животен стандард. Како одговорна партија СДСМ ќе понуди пакет на законски решенија за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните, информира СДСМ.