„Дијалогот со Бугарија мора да се базира на европски вредности, почит и достоинствен разговор“. Ваквата порака денеска ја упати премиерот Димитар Ковачевски, нагласувајќи дека иако дискусијата често знае да биде преземана од националисти, владите на двете земји, кои се европски ориентирани, имаат обврска да наметнат наратив кој ќе биде позитивен и насочен кон иднината, што ќе овозможи отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Ковачевски на Форумот по повод 100 дена од мандатот на неговата Влада рече дека како држава во изминатите триесет години имаме направено многу и се имаме откажано од многу, се со цел да ги исполниме критериумите за членство во ЕУ, што го потврдуваат четирите позитивни извештаи на ЕК за државата.
„Значајна е поддршката што постојано ја добиваме од Германија, Франција, САД и сите земји членки на ЕУ, но членството зависи од консензус. За жал, ние имаме предизвик со соседна држава, заради ветото кое минатата бугарска Влада го стави на отпочнувањето на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија“ – изјави Ковачевски.
Според него, успехот на отпочнатиот дијалог со Бугарија и успехот на едно одржливо решение може да биде направено само врз основа на разговор, што се базира на европски вредности, меѓутоа и на принципи на почит помеѓу институциите и граѓаните и принципот на достоинство, каде што двете страни мора да го чуваат и негуваат достоинството на граѓаните на двете држави.
„На тој начин, дијалогот ќе биде позитивен и со резултат што ќе овозможи основа за градење на идни одлични односи помеѓу две соседни држави кои одат напред како членки на ЕУ“ – рече Ковачевски.