Цветковски од „Макстил“: Ќе си ги бараме парите за солидарниот данок, сега и веднаш

Компанијата „Макстил“ ќе си ги бара парите кои ги плати за солидарниот данок, сега и веднаш, иако рокот за поврат може да се развлече на пет години.

Компанијата „Макстил“ ќе си ги бара парите кои ги плати за солидарниот данок, сега и веднаш, иако рокот за поврат може да се развлече на пет години, изјави, Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори на „Макстил“.

Знаејќи ја состојбата на државниот Буџет, Цветковски, додаде дека нема да бараат камата, бидејќи не сакаат да нанесуваат дополнителни штети на државата, како компанија која работи овде. Да потсетиме дека овој челичен гигант ја плати највисоката сума од околу 4,3 милиони евра на име на солидарен данок.

– Ќе си ги бараме парите, кои според нашата проценка неоправдано го плативме. Ја поздравуваме одлуката на Уставниот суд, но и Владата која не се мешаше во правната разврска. Ја знаеме состојбата на државниот Буџет и нема да бараме камата за да не нанесеме дополнителни птети, бидејќи ние сме компанија која работи во земјава – објасни Цветковски.

Во однос на најавените царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум, најавена од американскиот претседател Трамп, Цветковски, рече дека тие уште од 2018 година ја имаат оваа царина, но лошо ќе биде доколку ЕУ возврати со контрамерки.

-Околу 60 до 70 отсто од нашиот производ се извезува на европскиот пазар, така што ќе биде лошо ако ЕУ возврати со контра царини, кои би го поскапеле нашиот извоз- додаде Цветковски.