„Мојот дедо самиот пишувал како од Бугарин доаѓа во Софија и станува Македонец и како кога се враќа обратно, во Македонија, во состав на тогашна Југославија, па е следен како Бугарин, поминува 5 години во Голи Оток, заради тоа што имал некакви спорови со Тито. За мене тоа прашање нема големо значење затоа што јас бев сведок на конференција во Скопје во 2014 година кога слушнав благодарност за мојот дедо, за неговиот придонес за Македонија и македонската литература. Во Бугарија од време на време се појавуваат статии во кои тој од една страна е критикуван, за дел од поезијата која ја пишувал, но за некои работи е пофален“ – вели Вени Марковски – внук на Венко Марковски, во најновото издание на Трилинг.
Марковски смета дека „по Втората светска војна тој е величен на пиедестал, како автор на првата книга на македонски јазик, но неговите проблеми со Македонија, поточно со Југославија започнуваат по 1944 година кога тој тој се противи на посрбувањето на Македонија и тоа нема одобрување во Белград, па животот му станува многу тежок, па ја напушта Југославија и оди во Бугарија“.
„Бидејќи јас имам и македонско и бугарско и американско државјанство можат двете држави да ме назначат за преговарач и нема да имаме никаков проблем да се разбереме по сите прашања меѓу двете земји. Има историски проблеми кои не можат да ги решат политичарите и има политички проблеми кои не можат да ги решат историчарите“ смета Вени Марковски.