Славенички концерт на Влатко Стефановски – 9 мај во Филхармонија
Публиката ќе ужива во спој на инструментален рок, етно-џез, блуз и македонска традиционална музика и со специјални гости.
После распродадени концертни сали во Лондон, Виена, Осијек, Загреб и Белград, Влатко Стефановски, познатиот виртуоз на гитара, со концерт со пријателите ќе го заокружи и одбележи 50-годишниот јубилеј на кариерата на 9 мај во 20 часот, во Македонската Филхармонија. Концертот ќе биде пресек на неговата долга и успешна музичка кариера, почнувајќи од „Леб и сол“ до неговата соло кариера. Феноменалните изведби на Влатко ќе бидат надополнети со познати гости. Публиката ќе ужива во спој на инструментален рок, етно-џез, блуз и македонска традиционална музика.
Влатко Стефановски е роден во 1957 година во Прилеп, Македонија, каде што ја започнал својата музичка кариера како млад гитарист. Првиот значаен успех го постигнал како член на култната група „Леб и сол“, која беше пионер во комбинирање на традиционалната македонска музика со модерен рок звук. Преку работата со „Леб и сол“, Стефановски стана препознатлив по неговата извонредна техника на гитара и креативен пристап кон музиката. По распадот на групата „Леб и сол“, Влатко се посвети на самостојна кариера и објави бројни албуми кои го одразуваат неговиот широк музички опус. Неговата соло кариера опфаќа различни музички жанрови, истражувајќи области како џез, блуз, етно-музика и акустична гитара. Соработката со врвни музичари ширум светот дополнително го збогати неговиот музички израз.
Наградуван и признат, Влатко Стефановски е добитник на македонската државна награда за животно дело во културата и уметноста „11 Октомври“. Покрај тоа, тој доби почесен докторат по уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потврдувајќи го неговиот значаен придонес на светската музичка сцена. Неговата страст кон музиката не само што ја обликуваше неговата кариера, туку остави и траен белег во музичкото наследство на регионот.