Владеењето на правото сѐ уште е кревко во земјата, вели францускиот амбасадор

Граѓанското општество може да одигра огромна улога како чувар на зачувувањето на етиката и независноста на судството, но исто така може да дава предлози за унапредување на законодавството.

Судската власт во земјава е доста критикувана и е постојано под закани, со феномени на постојано оспорување на нејзините одлуки. Оваа клима за жал покажува дека темелите на владеење на правото се сѐ уште кревки. Граѓанското општество може да одигра огромна улога како чувар на зачувувањето на етиката и независноста на судството, но исто така може да дава предлози за унапредување на законодавството.

Ова го изјави францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер, во обраќањето на Националната конвенција за Европска Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) .

-Оваа клима во судството за жал покажува дека темелите на владеење на правото се сеуште кревки, и дека никогаш ништо не е постигнато и дека работата и посветеноста на сите чинители е поважна од кога и да е. Затоа, сите овие судски инстанци секој ден играат клучна улога како гарант на владеењето на правото, улога којашто е важна и треба постојано да ја истакнуваме, рече Ле Риголер.

Тој потсети дека интегритетот, непристрасноста и независноста на судството се клучни, и на самите судии и обвинители им останува да ги бранат тие принципи и да обезбедат дека интегритетот на правосудсните органи ќе биде зачуван.

-Ако го земам францускиот пример – на пример како што е Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, секогаш кога ќе се случи некоја повреда на независноста на правосудството, може да покрене дисциплински постапки против недоследни појави но исто така и да внимава на етиката, рече францускиот амбасадор.

Тој го поздрави спроведувањето на поголемиот дел од порепораките од септември 2023 од страна на Судскиот совет, охрабрувајќи ги сите засегнати страни да продолжат на тој пат за да уште подобро ја гарантираат независноста на судството и на правосудните органи, што е клучен елемент на едно демократско општество.

-Здруженијата на судии и обвинители можат да дадат дополнителен придонес во Северна Македонија, инстиуцијата како Академијата на судии и обвинители игра суштинска улога преку обуката за да се обезбеди интегритет и непристрасност и на судиите и на обвинителите. Важно е да подвлечеме дека потребни се и други механизми за да се обезбеди таа независност на судиите и обвинителите – финансиски средства, но исто така и соодветна законска рамка, посочи Ле Риголер.