Запалениот автомобил е на обвинителката која истражува кој му плаќал на ,,Маријан Доказ” за нарачани текстови

Од самиот старт, по приведувањето на Маријан Стаменковски, се шпекулираше дека истрагата ќе доведе до имиња на моќни бизнисмени, но и вработени во институциите, кои биле нарачатели на текстовите, а кои беа објавувани на ,,Доказ”, со цел оцрнување на јавни личности, новинари, бизнисмени, политичари…

Ноќеска бил запален автомобилот на скопската јавна обвинителка Марија Џабирова Велков, дознава ,,Фокус” од сигурни извори. Од обвинителството ја соопштија информацијата, но без да го откријат идентитетот на обвинителката.

-Во текот на ноќта засега непознати сторители опожарија автомобил на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Интензивно се преземаат дејствија за откривање на сторителите и се обезбедуваат сите докази на терен.

Првичните индиции упатуваат на можна поврзаност со фактот што јавниот обвинител постапува во два сензитивни предмети во кои во моментов интензивно презема истражни дејствија. Истражните органи работат на расчистување на настанот и на целосно утврдување на причините, информираа од Обвинителството.

Обвинителката е раководител на Истражниот центар во скопското обвинителство, а како што дознава ,,Фокус”, таа го работи и предметот за ,,Маријан Доказ”, односно за нарачките на текстовите кои Маријан Стаменковски ги користел за рекет.

Од самиот старт, по приведувањето на Маријан Стаменковски, се шпекулираше дека истрагата ќе доведе до имиња на моќни бизнисмени, но и вработени во институциите, кои биле нарачатели на текстовите, а кои беа објавувани на ,,Доказ”, со цел оцрнување на јавни личности, новинари, бизнисмени, политичари…

Засега немаме потврда дали еден од двата сензитивни предмети, кои ги споменува обвинителството, се однесува на овој случај.

Опожарен автомобил на јавен обвинител