(Видео) Трилинг: Граѓанскиот бунт наспроти политичкото профитерство

Соговорници во новото издание на магазинот „Трилинг“ се Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора, Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ и Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

-Мислам дека ова е легитимно право на граѓаните да го искажат својот револт заради инфлаторните случувања, но факт е дека оваа иницијатива доаѓа после серија на слични такви бојкоти кои се случија секаде во регионот. Со инфлацијата се борат сите. Да не говориме за земјите во ЕУ кои се во исклучително тешки економски услови во моментов. Ќе видите дека еден дел од програмата на новиот претседател на САД, Доналд Трамп е наменета за намалување на инфлаторните случувања во Америка. Но за разлика од кај нас каде што тоа не се решава на системско ниво, а мислам дека тригер за оваа ситуација се, на страна од високите цени кои се во нашите маркети, добрите финансиски резултати кои ги покажаа ланците на супермаркетите, тоа малку ги натера на интервенција граѓаните, но ценам за оваква иницијатива да има ефект таа треба да трае многу или доволно долго долго за да има некаков сериозен одраз на функционирањето на маркетите, изјави за магазинот „Трилинг“, Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, говорејќи за се поскапата потрошувачка кошничка, каде е вината и дали незадоволството изразено преку бојкотот ќе даде ефект.

Фото: Трилинг / Антони Пешев

Пешев смета дека штом се случува ваков тип на ситуација, тогаш треба да се запрашате што не чини во пазарот на снабдување, зошто во Македонија тоа е толку силно изразено и дали конкуренцијата е мала.

„Јас секогаш сум бил поборник на тезата дека ако имате проблем во економијата вие треба да го решавате системски. Ние не сме планска држава и многу е тешко да на правните субјекти кои функционираат во економијата на државата и на пазарот да им наметнете кога, како и колку ќе заработуваат. Вие мора како држава да влијаете на тоа. Мислам дека државата може да интервенира само со механизми кои директно ќе делуваат генерално на цените на производите на пазарот кои директно го засегаат најзагрозениот дел од популацијата во државата“, вели Пешев.

– Јас мислам дека државата повторно треба да седне на маса, не со било кого, туку со самата себе и со политиките кои ги води и да види каде ние ја промашивме лекцијата и зошто Македонија не произведува доволно храна. Треба да се прашаме зошто створивме општество на кое му е полесно да тргува отколку да произведува, вели Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора.

Фото: Трилинг / Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ

„Незадоволството од ценовните шокови кои во континуитет се случуваат во изминатите месеци воопшто не се неочекувани. Кукавичко е целото постапување на Мицкоски и на ДПМНЕ откако се на власт, во однос на сите економски политики кои што или ги нудат или се изолираат себе си, се вадат себе си од ситуација да понудат какви било економски решенија за сериозните економски и финансиски проблеми со кои се соочуваат сите граѓани, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова околу граѓанскиот бојкот на маркетите заради превисоките цени.

Костова додава дека Мицкоски е директен соучесник во покачувањето на цените во изминатиот период.

„Кукавички беше што тој им даде предност на сопствениците на трговските синџири во трката кон новогодишната кошничка. Знаеме дека тие мерки беа најавени месец дена пред нивното ефектуирање и нивното почнување, а во тој период Мицкоски и ДПМНЕ не направија ништо за да го спречат вртоглавиот раст на цените во периодот од најавата до почетокот на новогодишната кошничка, за на крајот да добиеме еден резултат во којшто цените по 15 декември и покрај тоа што беше веќе во сила новогодишната кошничка да бидат повисоки од цените на истите продукти во периодот кога таа новогодишна кошничка беше најавена.

-Тој немаше обврска само да ја најави мерката и да ги остави трговските синџири да постапуваат онака како што сакаат, впрочем тој е одговорен што ги стави граѓаните до ова дереџе да дојдат, и тие да мора самите да се организираат и да покажат некаков бунт. Лицемерно е што сега и тој го поддржува бојкотот. Мицкоски и ДПМНЕ имаа можност да спроведат квалитетни економски решенија и доколку ги немаа како идеја ние им ги понудивме“, вели Костова.

Околу забелешките на СДСМ за тоа зошто поранешни блиски соработници на Груевски сега се ангажирани за советници на Мицкоски, а самата СДСМ со измените на Кривичниот законик овозможи дел од тие дела да застарат, да бидат преквалификувани, а на некои да им се намали затворската казна, Костова вели дека тоа е една од најголемите, ако не и најголема грешка на СДСМ за време на владеењето.

„Одговорноста за тоа ја носиме. СДСМ беше казнет на избори, меѓу другото можеби и поради грешните политики во таа насока“, истакна Костова.

Фото: Трилинг / Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ

На прашањето дали тоа значи дека се оградуваат од претходните политики на Ковачевски и Заев, Костова вели дека праксите кои биле лоши се оставаат во минатото.

„Сега се фокусираме на нудење подобри и поквалитетни решенија. Грешки биле правени и се разбира, онаму каде што тие грешки биле направени, ние сега не можеме да кажеме дека тоа било добро. Борбата против корупцијата останува значаен дел од она што значат основни вредности во дејствувањето. Јас само сакам да потсетам дека во минатото, да, биле направени ваквите грешки, но исто така ние мора да бидеме свесни дека во едно демократско општество судската власт треба да биде издвоена од законодавната и извршната власт. Се правеа грешки. Ако мене ме прашувате и во тоа што лицата од „тефтерчето“ на Гордана Јанкуловска во голем дел си останаа на местата каде што беа. Онаа идеа за генерален реизбор во судството не помина и тука некако се повлекоа работите. Тоа се грешки за коишто ќе зборуваме можеби во иднина, меѓутоа се грешки кои со наредното доаѓање и преземање на власта ќе работиме да ги елиминираме. Тоа е мое лично убедување и јас лично се заложувам за тоа, но и сите членови, не само на раководството, туку буквално сите членови“, потенцира потпретседателката на СДСМ Кристина Костова.

Фото: Трилинг / Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија

„Испративме многу пораки, имајќи предвид дека принципот на слободната пазарна економија треба секогаш да биде на прво место, вклучувајќи ги и човековите права и сите други слободи, а тоа значи дека слабата помош и недосетливост, наназад на сите влади, во врска со слободната пазарна економија, доведе до мешање во креирањето на цените и во начинот на работење на трговците, изјави за магазинот „Трилинг“, Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, за тоа колку бојкотот на маркетите може да има ефективни последици до трговците и власта.

„Целата оваа состојба, внатре во мене, е парадоксална бидејќи купувачите, потрошувачите, граѓаните на крај реагираат, наместо да ја користат Организацијата на потрошувачите или одредени лоби иницијативи.

-Од друга страна компаниите воопшто не покажаа, смисол за своето постоење. Водењето на бизнис, економијата, не е само правење на профит преку плеќите на работниците, изигрување на даночниот систем или пак состојбата на „само да прашам, да направам некоја комбинација“ и така ја користат оваа шанса, вели Бошков.

Фото: Трилинг / Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија

-Ние генерално водиме економија по системот на грабливци на џунглата, како предатори и оние кои треба коорпоративно, општествено одговорно, долготрајно да ги пренесат бизнисите од менаџментот на семејството, од управувачките капацитети, на останатите да го следат примерот, тие не оставаат квалитетен и позитивен пример. Особено се радуваме и учиме на коорпоративни компании кои имаат традиции, постојат 200 години и ние сме вчудоневидени како тие функционираат, не навлегувајќи во нивниот смисол на работење и живеење, дека тоа е благородна работа – се вработуваат луѓе, се нудат квалитетни производи, особено регулативата вели дека тие треба да бидат во добар состав, со добра содржина, доборо спакувани, обележани, читливи, со сите последици и придобивки од тие услуги, ние тоа со сила го правиме, не го правиме на начинот на кој одлучуваме, со чест на исклучоци, не одлучуваме дека граѓанинот и потрошувачот ни е пред сѐза да го имаме долготрајно во државата, смета Бошков.

Според првиот човек на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, целата политика се заснова на онаа скриена корупција, дека секој некого има во одредени сегменти во управувањето и во фер донесувањето на одлуки, односно во практикувањето на правдата во економска пракса и затоа се земаат такви позиции на моќ за да се злоупотребуваат или да се повредуваат потрошувачите и клиентите.

Бошков вели дека само со храбри политики може да се подобри животниот стандард на граѓаните.

„Ако тоа значи дека ние ја имаме хипотетички власта и управуваме со неа и извршно делуваме, тогаш може за домашните производители да направиме, одредени повисоки царински давачки за производи од странство кои ги увезуваме. Да го поттикнеме македонското производство, да го поттикнеме географското потекло, да ги поттикнеме компаниите да ги подобрат своите начини на привлекување на потрошувачите, со квалите, со стандарди, но обучувајќи ги и информирајќи ги, а не казнувајќи ги. И на крајот, она што е пракса, а тоа е намалување на даноците, особено за производителите и што повеќе иновативни производи од домашно производство“, потенцира Бошков.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски, погледнете го видеото.